Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од 90 илјади евра, поточно 5,58 милиони денари потроши ЈП „Водовод“ од Куманово за три месеци, за да го нормализира водоснабдувањето и да се справи со последиците од големото невреме, кое ја замати водата во езерата Липково и Глажња, а градот остана седум дена без вода за пиење.
Пресметани се само сумите на достасани фактури за потрошена електрична енергија и зголемената потрошувачка на хемиски средства, кои се користат за прочистување на водата на филтер станицата.
Денеска е финализиран финансискиот извештај, за дополнителни материјални трошоци за јавното претпријатие во периодот мај, јуни и јули.
„Ако граѓаните ја чувствуваа кризата неколку дена, претпријатието повеќе од 80 дена се справуваше со лошиот квалитет на сирова вода. Вонредните трошоци за претпријатието, споредено со 2021, 2022, 2023 се за зголемена потрошувачка на електрична енергија, вонредни хемиски анализи на вода, вонредна набавка на хемикалии, и проценети се на 5.580 милиони денари. Филтер станицата редовно работи 24 часа дневно, и во постојана употреба до пред два дена беа и пумпните станици кај Митев мост, во атарот на Проевце и кај Бедиње“, објасни директорот Оливер Стојмановски.
Во пресметката не се вкалкулирани надоместоците за работниците кои дополнително беа ангажирани во ноќните смени, сервисирање на пумпите, кои допрва се поправаат и тоа ќе продолжи и во наредниот период.
Најдоцна утре, извештајот ќе биде доставен до АД „Водостопанство Кумановско-липковско поле“.
Советот на Општина Куманово донесе заклучок да се побара непредвидените, вонредни трошоци да се покријат од АД „Водостопанство“ или од централната власт.
Жителите на Куманово на 27 мај останаа без чиста вода за пиење од градскиот водовод по големото невреме проследено со пороен дожд и град во Липковско, кое ја замати водата во браните Липково и Глажња, од каде што градот се снабдува со вода за пиење. Откако на еден ден беше целосно прекинато водоснабдувањето, во системот беше пуштена вода која може да се користи само за техничка употреба. Тоа траеше седум дена, додека анализите на Центарот за јавно здравје не покажаа дека водата е исправна.