Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ако во Долно Којнаре прашате за куќата на Аџи Бајрам првин ќе ве прашаат ќе клепате ли нешто, јали мотика, јали секира, јали некое друго железо.
Ништо од тоа, зашто 84-годишниот Бајрам оддамна го изгаснал
огинот во својата ковачница и во истата влегува само повремено, за да
понареди нешто од алатите, да ги светне уште малку наковалните, да
побуричка во сандакот полн со негови изработки од луто кален челик.
,,Не работам повеќе. Ми откажа снагата, чеканиве станаа претешки за моите раце, нозете одвај ме држат‘‘ - се жали Аџи Бајрам.
Ковачницата овојпат ја отвори за атер на Кумановоњус.
,,Абре деца, што знаете вие за животот?. Сакате да го испреварите, мислите животот е врапче што сте го фатиле и сте го стегнале, сте го затвориле во кафез и не му давате да лета. И јас така мислев кога бев детиште, ама не било така, пустина. Истече животот, како вода ми се лизна меѓу прстите од рацеве‘‘ - филозофира стариот мајстор додека пребарува по клучот од ковачницата.
И додека на една масичка реди некои од своите изработки, реди и приказна за својата семејна и лична биографија.
,,Јас сум Турчин, по потекло од Азербејџан. Женет сум за Албанка од Лојане. Имам два сина, едниот почина млад и ми остави два внука, имав брат, помал, истотака починат. Моите претци во Азербејџан биле прочуени арабаџии (ковачи). Иработувале секакви алати и предмети од железо, а особено биле мајстори за ножеви и сабји. Кога османлиите тргнале да освојуваат земји на Западот, ги потерале во своите орди и моите прадедовци да им прават сабји. Неколку векови моето племе поминало во Пазарџик, Бугарија. Се раѓале и умирале како големи мајстори за изработка на лути сабји и копја, се до пропаѓањето на турското царство, по што дедо ми Мустафа се доселил првин во Куманово (во Клечовце) а потоа во Прешево. Јас, арамија и аџамија, рано се оженив со една ,,кучка‘‘ циганска од Прешево која ја набркав само по три недели откако видов што домакинка е и си ја омажив Фиљдезе (Рајка, според Рајот). Ковачкиот занает го доусовршив во нашата ,,Шавни цевки‘‘ (ФЗЦ). Дотуркав до вкв мајстор, и сега си имам солидна пензиичка. А, да ви кажам, имам и офицерски чин од ЈНА, поручник. Долга приказна. Во 1944 година бев мобилизиран и заминав на Сремскиот фронт. Бргу стекнав доверба кај партизанските команданти кои ме поставија за водич на една топовската коњичка батерија. Во една прилика на брдото Росуља кај Славонска Пожега во топовска цевка се заглавија две гранати. Командантот на бригадата ми повери јас да ги ,,средам‘‘ гранатите и да го оспособам топот... За успешно извршената задача добив орден за храброст лично од генералот Отмар Крајачиќ‘‘-раскажува Бајрам.
Во својата приватна архива од пожолтени хартии и семејни фотографии Бајрам љубоморно го чува овој медал и други одликувања. Чинот потпоручник на ЈНА го стекнал во школото за резервни офицери во Нова Градишка, а подоцна на воена вежба во Криволак бил унапреден во поручник на ЈНА. Во поодминати години почнал силно да верува во Бога и го обзела опсесија да стане Аџија. На инсистирање на неговите роднини и пријатели и со нивна помош отишал на аџилак и се поклонил на моштите на Алах во Мека и Медина и оттогаш е Аџи Бајрам. Се моли во џамијата во Куманово, но во последно време поретко.
,,Го замолив Алах да ми прости, зашто ми откажуваат нозете. Се молам во аџиската одаја во мојата куќа‘‘ - кротко зборува остарениот и уморен верник.
Инаку, на времето бил неколку години и ,,гастарбајтер‘‘ во Германија, заедно со неговиот помал брат. Работата била валкана, тешка и опасна по живот.
,,Јас се вратив, а брат ми млад ги остави коските во Германија. Додека беше жив, ми праќаше пари со кои градев две куќи - една за него една за мене. Сега неговата куќа е пуста, неколкупати разбивана и ограбувана од разбојници‘‘ - раскажува Аџи Бајрам сиот во солзи од жал за брата си.
Брат му оставил сопруга во Германија и две деца. Сопругата никогаш не доаѓа да ја види куќата, ама претендира на сопственост. Хартии пак (за поседување на двете куќи и останатиот имот) нема никој.
,, Уште малку од животецот што ми остана ќе морам хартиите да ги средам со некој добар адвокат. А и Алах ќе ми помогне. Тој е севишен и семоќен сведок на сите наши дела. И добри и лоши‘‘ - помирливо вели стариот Аџи Бајрам.
Столе Божиновски