Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Започна поставувањето на тезгите на малиот градски плоштад во Куманово по повод новогодишните празници. Од она што може да се види пред Центарот за култура и оваа година наместо новогодишен базар ќе имаме панаѓур.
Импровизирани метални и дрвени тезги покриени со церади, најлони и черги, а во понудата покрај новогодишни честитки, украси, елки, сијалички, се продаваат облека, обувки и разни дребулии.
Граѓаните реагираат на ваквата појава и бараат од надлежните да поведат ред, бидејќи во центарот на градот не може да се помине од целиот метеж на распослани тезги и долна облека.
„Во борбата за остварување профит и ваквиот начин на најава на сезоната на празници успеавме да ја сведеме на бувљак продавница, со шунд музика која ги пара ушите на сите кои ќе поминат. Никој не е против продавачите, ама треба да се направи ред. Овде што е направено, тезгите од зелениот пазар ги спуштија во центар на градот “, потенцираше една пензионерка.
Дрвените куќички кои треба да се користат за новогодишниот базар, а воопшто не се гледаат од дополнителните тезги под закуп ги издава ЈП „Пазаришта“.
„Закупците се јавуваат на јавен повик, нудиме 15 куќишта, но најчесто имаме 12 до 13 закупци. Во договорите кои ги потпишуваат закупците, и до кои мора да се придржуваат не е прецизиран видот на роба која ја нудат, но строго мора да ги почитуваат правилата за тоа колку простор зафаќаат-не смеат да додаваат тезги, масички за да заземат поголем простор од предвидениот. Секоја забележана нерегуларност граѓаните можат да ја пријават во комуналната инспекција, а неретко инспекцијата контролира и без пријава“, изјави директорот Гезим Кадриу.
Но, иако директорот тврди дека не смее да има дополнителни тезги, никој не ги спречува продавачите да ги монтираат и со возила да влегуваат на плоштадот.
Граѓаните прашуваат дали Општина Куманово има капацитет да го преслика искуството од големите светски центри и да организира новогодишен базар како доликува за дружење и уживање на граѓаните.
„Пред неколку дена се вративме од Братислава, на божиќниот базар имаше да се купи греано вино, топли напивки, солени переци, слатки со мирис на ѓумбир и цимет, зашеќерени јаболка, гумени бонбони и се она што асоцира на сезоната на празници. Мирисот кој се ширеше не можам да ви го опишам, а за време на викендот имаше многу гужва, претежно месно население кое се дружеше меѓу себе“, истакнуваат сопружниците Мими и Мишо К., кои неодамна се вратиле од Словачка.
Идејата за организирање на празнични базари датира од 2003 година кога Куманово заедно со Прешево, Гњилане, Трговиште, потпишале договор за прекугранична соработка, како микрорегион. Зоран Павловски, тогашен раководител на Локалниот еконмски развој (ЛЕР) вели дека за потребата на проектот биле набавени првите 10 куќички во кои требало да се продаваат сувенири и новогодишни подароци, односно производи на малите производители и занаетчии на градскиот плоштад.
„Идејата беше да ја пренесме празничната атмофера на граѓаните. Да се продаваат сувенири од керамика, стакло, цвеќе, греано вино, храна, цвеќе, печени костени, пуканки, да се украси и осветли просторот да има музички настапи. Да биде урбана празнична целина. На почетокот имаше скица, се знаеше каде се поставуваат куќичките. Во меѓувреме се изгуби првичната замисла, почнаа тезгите да се издаваат на продавачи на облека. Наместо новогодишен базар направивме самовилска вода“, вели Павловски.
Тој жали што идејата не се реализирала како што требало, но се надева дека локалната власт ќе преземе нешто и со дополнитени содржини барем оваа година ќе ја смени грдата слика од центарот на градот. Ако не подалеку нека се огледаат на нашите први соседи од Крива Паланка.