Наскоро продолжува реконструкцијата на „Моша Пијаде“, најавуваат надлежните
Втората фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ треба да започне за околу две недели.
Во првата фаза беше извршена замена на водоводната и канализациската мрежа, па по пауза од повеќе месеци, сега ќе продолжи со изградба на атмосферска канализација и реконструкција на сообраќајницата.
„Владата има склучено договор за изградба на атмосферска канализација и реконструкција на сообраќајницата на потегот од кружниот тек на булеварот „Октомвриска револуција“ до УЈП. Очекуваме за една до две недели, доколку дозволат временските услови, да започне изградбата на атмосферската канализација, која ќе се гради од булеварот кон центарот на градот, а потоа ќе следи реконструкцијата на улицата. Минатата година беше завршена реконструкцијата на водоводната мрежа на потегот од „Пијано Престиж“ до УЈП“, кажа заменик-раководителот на Секторот за комунални дејности, Момчило Јовановски, на седница на Советот, откако советниците прашаа кога ќе продолжат градежните работи.
Првата фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ започна во мај минатата година. Тогаш поголем дел од асфалтот беше оштетен, поради што граѓаните реагираат дека улицата не е безбедна за движење и бараат што побрзо да се заврши.
Градежните работи ќе ги изведува фирма и надзорен орган избрани од Владата, а проектот го реализираат Министерството за транспорт и врски и Светската банка, во соработка со локалната самоуправа.
Како што беше најавено при промоцијата на проектот, предвидено е да се реконструира или замени целата подземна инфраструктура, како и да се постават нова електрична и оптичка инсталација. Во должина од 830 метри од почетокот на улицата ќе се изгради нова атмосферска канализација со профил Ф/1000. На дел од улицата ќе се замени водоводната и фекалната канализациска мрежа, бидејќи постоечката е стара повеќе од 50 години.
За паркирање на возилата се проектирани т.н. ниши, односно 108 паркинг-места за резидентите, со цел да се ослободат тротоарите и пешачкиот простор за побезбедно движење на пешаците. Долж тротоарите ќе бидат поставени столпчиња и полуподземни контејнери.
Договорот предвидува дека 10 години по завршувањето на проектот и пуштањето во употреба да нема никакви градежни работи на улицата.