Не помина извештајот за буџет за четврти квартал
Советниците денеска не го изгласаа извештајот за извршување на општинскиот буџет за четвртиот квартал од 2013 година.
Во овој период реализираноста на приходи е 87 отсто, а на расходи 84 отсто.
Тие 3 отсто или 17.000.000 денари ќе бидат префрлени за 2014 година. Ќе има ребаланс на буџетот и ќе бидат наменети средствата за капитални проекти. Тоа што не е донесен извештајот нема некои посериозни последици - вели Ирена Илиевска од секторот за финансиски прашања во Општина Куманово.
Координаторот на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Мирослав Стојановски смета дека приходите и реализираните капитални проекти се на незадоволително ниво. Тој порача во иднина да се донесува реален буџет.
Не функционира коалицијата која е на власт и која го сочинува мнозинството. Тоа се докажа на оваа точка и во многу други претходни случаи кога не беа изгласани програми и извештаи. Тоа се должи на тоа што коалицијата помеѓу СДСМ, ДУИ и останатите во коалицијата не функционира. Градоначалникот во предизборието имал некои ветувања со своите коалициони партнери, меѓутоа во пост изборниот период ги нема остварено - вели Стојановски.
Против извештајот денеска гласаше локалната опозиција плус советникот Зенун Исмаили од НДП.
На 18 - та седница на Советот на Општина Куманово првата точка од дневниот ред помина без поголема дискусија од советниците.