Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Водата на улицата „Веселин Вујовски“ не е од пукната цевка на градската мрежа, туку најверојатно од дефект на водоводна цевка на ЈП Водостопанство Кумановско- Липковско поле“ или од подземни води кои понираат од Мачја глава, велат од ЈП “Водовод“ по наводите на жителите дека повеќе од 6 месеци на нивната улица тече вода од водоводната мрежа.
Екипи на ЈП „Водовод“ Куманово завчера излегле на терен и со инструментите успеале да забележат минимален дефект на водоводна цевка со количина која била тешко уочлива.
„Вчера е ископан ров во должина од 11 метри за да се провери дали тврдењата се точни, но не е откриена пукната цевка“, велат од претпријатието.
Од „Водостопанство“ истоа така негираат дека водата тече од цевката за наводнување, бидејќи таа е затворена во октомври и нема да биде пушти до април.
„Во текот на летните месеци лани имаше дефект на цевка која поминува под автопатот, но цевката одамна е поправена. Полињата не се наводнуваат во текот на зимата, па затоа тој вод е затворен и не е можно оттаму да тече вода кон куќите“, објаснуваат од „Водостопанство“.
Граѓаните велат дека водата почнала да тече пред 6 месеци, и дополнително ја раскопала и создала кал на неасфалтираната улица. Тие го пријавиле случајот во Водовод.
„Количината која се задржува не може да е од врнежи на дожд, бидејќи на улицата вода имаше дури и во летни месеци. Мора да се најде кај е дефектот, тоа е обврска на надлежните“, велат жителите, кои кажуваат дека екипата на „Водовод“ и денеска е на терен.
Тие се пожалија дека дупки како кратери се направени на улицата „Веселин Вујовски“, во населбата „Тоде Мендол“, поради што е отежнато движењето со возила и пешки. Се работи за крак во должина од околу 300 метри, кој е многу фреквентен бидејќи се користи за полесно поврзување со Поток Серава и други делови од градот. Жителите сметаат дека е нелогично на само 1,5 километри од центарот да немаат елементарна инфраструктура, поради што не смеат ниту децата да ги пуштаат надвор да си играат.