Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Надлежните од Општина Куманово денeска не дадоа одговор на граѓаните што ќе преземат и како ќе го решат проблемот со градскиот превоз.
Денеска заседаваше Комисијата за спроведување на постапка за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, која ги разгледуваше понудите на учесниците на тендерот, па откако ќе заврши проценката ќе се знае кои фирми ќе биде ангажирани да го спроведат превозот во општината.
И покрај инсистирањето на новинарите да дознаат дали е разговарано за изнаоѓање на решение за проблемот со превозот на граѓаните до избор на нови превозници никој не даде одговор.
Од Одделението за односи со јавност ни рекоа дека градоначалникот денеска е отсутен, па се очекува утре да има официјална изјава за медиумите.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека постапката е задоцната поради пропусти на предходниот состав на Советот и доцнењето при закажувањето на конститутивната седница, но сега јавниот повик е завршен, во моментот се врши евалуација на пристигнатите понуди и се надеваат дека за најкус временски период ќе биде избран превозникот и граѓаните на општина Куманово ќе добијат квалитетен јавен превоз.
Од СДСМ не добивме став за овој проблем.
Проблемот со градскиот превоз настана поради тоа што доцни изборот на нови фирми за превоз на патници.
Жителите на приградските населби денеска на работа одеа пешки, со такси или ги возеа сопствениците на фирмите. Сите бараат брзо решавање на проблемот, но постојат шанси тој да се влече со месеци.