Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На пет домаќинства на кои неодамна им изгоре имот, нема да им се исплати еднократна парична помош од општина Куманово.
Така одлучија советниците од Коалицијата за подобра Македонија, ДПА и ГРОМ гласаа против предлогот.
Се работи за четири опожарени куќи и една нива, за кои на сопствениците требаше да им бидат исплатени по 15.000, 20.000 и 30.000 денари. Предлогот пред советниците на денешната седница на Советот на општина Куманово, го образложи Александар Арсиќ од СДСМ. На првото гласање советниците дадоа поддршка, но откако Арсиќ побара поединечно изјаснување, предлогот не беше усвоен. Советниците од Коалицијата за подобра Македонија, ДПА и ГРОМ гласаа против предлогот на Арсиќ, верувајќи дека уште еднаш ќе гласаат по точката од дневниот ред.
“Претседателот на Советот и координаторот на советничката група на СДСМ, спроведоа една манипулација со деловникот и решивме да го напуштиме Советот. Сите советници од нашата советничка група, ДПА и ГРОМ дадоа потполна поддршка. Ние баравме критериуми по кои ќе се одлучува, но не бевме против да им се исплати помош. Навистина на тие луѓе треба да им се помогне и тоа со многу поголеми средства од оние што беа предвидени во самиот предлог. Ќе треба да го разгледаме деловникот и на следната седница да ја предложиме точката на дневниот ред“ - изјави Драган Петковски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Претседателот на Советот, Максим Димитриевски вели дека советниците од ВМРО - ДПМНЕ наместо да им помогнат на граѓаните со својот глас, го исполитизираа целиот предлог.
“Кажаа дека ќе го поддржат предлогот, но на поединечното изјаснување се изјаснија против. Не ми е јасни зошто тоа се случи. Јас морав да постапам согласно деловникот, да ја затворам расправата и да поминам на следна точка од дневниот ред. Повеќе од јасно е и се покажува нервоза во редовите на ВМРО - ДПМНЕ. Дали е тоа поради актуелната состојба, граѓаните нека судат“ - кажа Димитриевски.
Според Драги Караџински, советник од ГРОM денешното гласање беше преседан. Вели дека по изгласување на предлогот немаше потреба од поединечно изјаснување со што предлогот “падна“, и граѓаните ќе останат без еднократна парична помош за санирање на последиците од пожарите.