Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ако „Водовод“ не ги подмирува долговите кон Водостопанство „Кумановско Липковско поле“, во прашање ќе биде доведено водоснабдувањето на Куманово.
На терен веќе има проблеми. Викендов жителите на населбите Карпош, Ајдучка чешма, Перо Чичо, Тоде Мендол, Пчински пат и дел од централното градско подрачје имаа слаб притисок. Од “Водовод“ велат дека по главниот вод добиваат 180 до 190 литри вода во секунда, што не е доволно за овој период. За водоснабдителните проблеми велат дека се тортура и демонстрација на моќ од надлежните врз кумановци.
Имајќи ја во предвид општата политичка ситуација во Република Македонија, кревка безбедносна ситуација во Куманово, за ова исклучување на вода по бај пас можам да кажам дека е лудило, нехумано и крајно непринципиелно. Од утрово сме во консултации со градоначалникот за изнаоѓање на решение за овој проблем. Градоначалникот и “Водовод“ апсолутно им стојат на располагање на граѓаните. Кога ќе добиеме вода по бај пас веднаш ќе биде нормализирано водоснабдувањето. За нецели две години од кога сум јас раководител на “Водовод“, на Водостопанство му се исплатени близу 55 милиони денари. Договорот потпишан кај министерот Цветков од наша страна е исполнет - рече Горан Стојковски, директор на “Водовод“.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски вели дека за проблемот разговарал со министерот за земјоделство, Михаил Цветков, а ќе ги извести и влијателните амбасади и ОБСЕ.
Пет години во лето се исклучува вода и се игра топол-ладно. Ова е се со цел да се покаже доминација, дека комуналното функционирање на градот зависи од луѓето кои управуваат со централната власт - кажа Дамјановски.
Од Водостопанство ја негираат информацијата дека бај пас водот е исклучен и велат дека водата не е сопрена, туку попат се губи поради дефекти и наводнување на земјоделски површини. Додаваат дека “Водовод“ допрва ги плаќа долговите од септември лани, што не е доволно за нормално функционирање на Водостопанство.
Не можеме да гарантираме континуиран и сигурен дотур, затоа што како претпријатије зависиме од средствата кои што тие ги префрлуваат кон нас. Доколку „Водовод“ и општината не пристапат кон санација и кон поажурен пристап на директна исплата на финансиски средства, нема да можеме да гарантираме испорака на вода кон „Водовод“. Нивниот однос го уништува и функционирањето на Водостопанство „Кумановско-Липковско поле“. „Водовод“ пушта средства само за исплата на плати, и некои елементарни потреби - изјави Филип Филиповски, директор на Водостопанство „Кумановско-Липковско поле“.
Во двете брани има околу 17 милиони метри кубни вода, а од 15 април наваму се потрошени 8 милиони метри кубни.