Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сефедин К. (56) од Куманово, човекот кој повеќе од четири дена лежеше неподвижен пред својата распадната куќа, денеска напладне е пренесен на лекување во Кумановската болница.
Откако синоќа за неговиот случај објавивме, во кординација на надлежните служби од Центарот за социјални работи во Куманово, Општа болница Куманово и Брза помош, на Сефедин ќе му се пружи соодветна здравствена заштита. Со возило на Брза помош и со лекарска придружба тој беше однесен во болницата. Сефедин нема државјанство и не е регистиран во системот за помош во Центарот за социјални работи.
„Пациентот ќе биде примен на Психијатриското одделение во нашата болница, каде што ќе му се направи детален лекарски преглед и врз основа на тоа ќе му се одреди соодветна терапија и третман. Ќе го донесе возило на Брза помош, веќе се договоривме со нивната служба. Бидејќи се работи за лице кое има ментални проблеми може да биде упатен и на лекување на Психијатриската клиника во Скопје. Во секој случај, повеќе нема да е на улица и ќе ја добие потребната здравствена заштита, бидејќи тоа го заслужува секој човек“, изјави Фати Џемаили, в. д. директор на Општата болница Куманово.
Од Центарот за социјални работи во Куманово ни кажаа дека Сефедин го добил и првиот документ, утринава по службена должност му е издаден извод од матична книга на родените, а започната е постапка за обезбедување на државјанство и другите лични документи. Тој бил роден во Куманово, но неговото семејство потекнувало од Србија.
„Откако ќе ја комплетираме документацијата ќе следи останатиот дел од помошта, досега не беше во нашата евиденција и никогаш не се пријавил кај нас. Откако ќе заврши неговото лекување, во згрижувањето ќе треба да се вклучи и семејството и Општината“, велат од Центарот.
Сефедин Куртиши има сериозни проблеми со нозете поради што не може да се движи. Откако паднал болен и неподвижен единствени кои сакаа да му помогнат и ги алармираа и службите и медиумите беа неговите соседи.
„Многу ни е жал за него, добар човек е и сакавме да му помогнеме да се лекува. Вчера кога почна да врне го пренесовме во куќата да не накисне. Му купивме храна да не е гладен. Пред малку го однесоа со комбе на Брза помош, се надеваме дека ќе се излекува и здрав ќе се врати. Може ќе се најде некој да му ја поправи куќата. Тој на нас не ни смета, само начинот на кој досега живееше не беше добар за него, затоа и се разболе“, вели соседот Арбен Реџепи.
Тие кажуваат дека Сефо, како што сите го викаат, е бескуќник и зависник од алкохол, не е насилен и со години запуштен талкал по улиците. Сега се надеваат дека откако стана видлив за општеството ќе се среди и ќе продолжи нормално да живее.