×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нередовно чистење и неквалитетни дрва најчеста причина за потпалување на оџакот во куќата

    21.02.2023 15:39 | Оливера Пешевска

     Од почетокот на годината регистрирани се 16 пожари на оџак во семејни куќи во Куманово. Од Територијалната противпожарна единица Куманово (ТПЕК) велат дека ваквата појава се повторува со години, а се должи на тоа што граѓаните немаат навика редовно да ги чистат оџаците, а се почесто користат и неквалитетно огревно дрво.

    Нередовно чистење и неквалитетни дрва најчеста причина за потпалување на оџакот во куќата

    „Во 2023 година имаме регистрирано 16 интервенции на запален оџак, но сите се локализирани и нема проширување низ целиот објект. Се прави голема материјална штета и од самиот пожар и од неговото гаснење, па долго време во куќата се задржува мирисот на гареж, кој е многу непријатен“, вели Деан Илиевски, командир на ТППЕ Куманово.

    Тој додава дека голем проблем за оџаците е и горењето на зимзелени дрва и пластика, кои не согоруваат целосно и испуштаат многу смола, која е лесно запалива.

    Луѓе кои ја познаваат оваа проблематика велат дека чистењето на оџаците треба да се направи најмалку еднаш годишно, но сепак најправилно е да се врши на секои согорени 3 кубни метри огревен материјал.

    „Значи оној кој што ќе потроши 15 кубика најдобро би било пет пати да ангажира оџачар. Секако треба да се набавуваат дрва од овластени добавувачи, со подобар квалитет, да бидат суви пред користење затоа што и полесно се разгоруваат и испуштаат повеќе топлина а создаваат помалку работа“, вели пензионер, кој порано чистел оџаци.

     Тој додава дека целиот процес на чистење на оџак бара време и стручност, бидејќи мора да се изврши отпушување, професионално спалување, чистење, како и контролирање на целиот процес во системот за греење, како котел, канал и оџак, дупчење на оџакот кога е неминовно друго решение и отстранување на шут, гареж или гнездо од птици во оџакот.

    Граѓаните, пак, од друга страна се жалат дека во градот нема доволен број на оџачари, поради што е тешко да се најде кој ќе им ја изврши оваа услуга.

    На почетокот на сезоната многу домаќинства се префрлија да се грејат на цврст огрев - исплашени од можниот недостиг на електрична енергија или преголемата цена на струјата. На есен имаше и недостиг на дрва, а и цената беше неколкукратно покачена. Сепак низ градот и околината сезонава „чурат“ многу повеќе оџаци во однос на претходните години, но со ваквиот тип на загревање неопходна е дополнителна претпазливост и преземање на превентивни мерки за безбедност.