Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за вработување во Куманово чекаат работа над 200 медицински сестри и дваесетина од другите медицински профили. Иако овие професиии се барани во земјата и странство, сепак не сите лесно и брзо доаѓаат до работа.
„Во евиденцијата на Центарот за вработување Куманово моментално имаме 210 медицински сестри кои бараат работа на пазарот на труд. Фармацевтски техничари се 4, но тие се сметаат за привремено невработени затоа што бргу наоѓаат нов работен ангажман. Кај лаборантите имаме повеќе од 10 лица, од кои само двајца се медицински лаборантски техничари, а другите се техничари по био-хемија, микробиологија и слично“, истакна Марија Димитриевска, раководител на Центарот за вработување во Куманово.
Од Министерството за образование и наука денеска ги известиле средните стручни училишта дека ги ставаат во мирување уписите за вонредни ученици од медицинските струки.
Дописот стигнал и во Техничкото училиште „Наце Буѓони“ во Куманово, во кое има насока за медицински сестри и секоја година има голем интерес за редовен и вонреден упис на ученици. Во моментов, во училиштето има запишано над 160 вонредни ученици и исто толку во редовна настава во петте паралелки на македонски и албански јазик.
„Имаме запишано вкупно 165 вонредни ученици во здравстената струка во сите наставни години. Од нив 128 се ученици со настава на албански јазик, а 37 на македонски јазик. Во редовна настава секоја година имаме по две паралеки на македонски и три на албански јазик, кои имаат од 30 до 35 ученика во еден клас“, изјави Драган Јаневски, директор на училиштето „Наце Буѓони“.
Тој вели дека не им познати мотивите на Министерството за образование за укинување на вонредните уписи, но очекува дека ќе добијат насоки и иструкции како да постапуваат понатаму.
Најголем дел од возрасните ученици кои завршуваат вонредно, заминуваат во странство и неофицијално тоа е причината да се направи пауза.