Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Такси превозниците ги зголемија цените на такси услугите во градот на своја рака и без одобрение од општината. Наместо 60 денари на старт и 30 денари по километар, граѓаните од минатата недела плаќаат 80 денари на старт за возење до два килметри и 40 денари секој нареден километар.
Таксистите поскапувањето го правдаат со зголемувањето на цената на горивата, и со тоа дека веќе поднеле барање до Општината да се направи корекција на цената.
Од Општина Куманово потврдуваат дека има барање од компаниите за зголемување на цената во такси превозот, но тоа не е одобрено. Поради тоа постапката на такси компаниите ја сметаат за незаконска, бидејќи тие не можат по своја воља да формираат цени кои на ним им одговараат, а потоа Советот да носи одлука.
„Тие можат да дадат предлог колку сакаат да биде висината на цената, но советниците го имаат последниот збор. Тие одлучуваат дали таа ќе биде прифатена или не. Советот ги носи сите промени врзани со цената и таа ќе се разгледува на следната седница“, велат од Општината.
На сопствениците на такси компаниите им било наложено да ги вратат старите цени, но тие не прифатиле. Општината има право да им испрати инспекција и да ги казни за ваквото самоволие.
И додека во поголем дел во градот нема јавен превоз, граѓаните се приморани да користат такси услуги со повисока цена и со многу слаб квалитет.
Во сообраќајот има повеќе нерегистрирани такси превозници отколку легални. Тие вршат превоз со стари возила, без таксиметри и фискални апарати, а цената и километражата ги одредуваат од око. Со тоа се стимулира сивата економија на штета на регистрираните таксисти, јавниот превоз, општината и државата.
За хаосот во такси превозот на локално, но и на меѓуопштинско ниво кон Скопје и Липково, со години наназад се зборува, но ништо не се презема да се реши.