Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, Бобан Николовски ги повика кумановци утре масовно да излезат на протестот пред Владата и да го покажат своето незадоволство од актуелната состојба во државата предизвикано од политиките на актуелната власт.
„Живееме во многу тешко време, кога се повеќе нормалниот живот станува луксуз. Ги чувствуваме последиците од недостигот на одговорна, чесна и ефикасна Влада. Неважни се бројките со кои се фали Владата, кога се посилен е гласот на оние кои не можат да си ја платат струјата, скапиот бензин им е недостапен, а трпезата полупразна“, истакна на денешната прес конференција Николовски.
Тој смета дека не постои надеж дека со оваа Влада ќе им биде подобро на граѓаните, бидејќи во последните 5 години предизвикале катастрофа на секое поле од животот.
„Ви се обраќам во името на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово и убеден сум дека мојот апел ќе допре до сите вас, затоа што е искрен, обединувачки, заеднички, нешто што е многу посилно само од политичко обраќање. Постојат времиња во кои не е важно на која страна сте биле. Сега е тоа време. Затоа апелирам до сите слободоумни кумановци утре во 20 часот да се обединиме и да се собереме пред Владата“, додаде Николовски.
Претседателот информираше дека вчера била одржана конститутивна седница на новиот општински комитет, кој е спој на искуството и младоста.