Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Центарот за јавно здравје Куманово регистрираше уште еден случај на голема кашлица во Куманово, по што бројот на заболени деца се искачи на четири.
„Добивме лабораториска потврда за 5-годишно машко дете од Куманово. Заболениот не е епидемиолошки поврзан со претходните случаи, детето не било вакцинирано и не посетувало градинка. Изолирано е, се наоѓа на домашно лекување, со полесна клиничка слика“, вели д-р Едита Рамизи, епидемиолог од ЦЈЗ Куманово.
Во петокот минатата недела беа потврдени 3 случаи на деца од Куманово, од кои две беа хоспитализирани. Се работеше за две братчиња, и еден неповрзан случај на 18-месечно девојче. Има потврда дека во сите досегашни случаи децата биле невакцинирани.
Одделот за вакцинација потврди дека опфатот на имунизирани против голема кашлица не е на задоволително ниво. Куманово, заедно со Струмица, има најмал процент на вакцинирани деца во државата. Од понеделникот вакциналниот пункт во Здравствен дом Куманово започна да работи во две смени до 19 часот навечер, за да услугата биде достапна и на вработените родители.
Голема кашлица или пертусис е бактериска инфекција која брзо се шири, исто како што се шири обичната настинка или грипот, а се пренесува преку секрет од кивање или кашлање, односно по капков пат. Бидејќи е бактериска инфекција потешка е за третирање, особено кај малите бебиња кои немаат изграден имунитет.