Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По најнови европски стандарди ќе биде новиот кружен тек кој ќе се гради ова пролет на раскрсницата меѓу булеварот „Октомвриска револуција“ и улицата „Доне Божинов“, тврдат надлежните.
Проекот опфаќа реконструкција од раскрсницата на улиците „Тодор Велков“ и „Ленинова“ до улицата „Братство единство“ во должина од повеќе од 330 метри, како и кракот од „Октомвриска револуција“ кој ќе продолжи до зградата на ЕВН Куманово.
„На самиот разделен остров се планирани четири рефлекторни столба, а вкупно 17 бандери ќе бидат поставени по должината која ќе се реконструира. Набавените светилки мораат да имаат гаранција од најмалку 10 години. Во соработка со МВР ќе се постават и камери во рамките на проектот „Безбеден град“, за што претходно ќе бидат инсталирани нова електрични и оптички кабли, како и смена на друга инфраструктурна инсталација. Планирани се и нови ровови, приклучоци и шахти за атмосферска канализација“, стои во проектот.
Ќе се реконструира и асфалтира површина од 4.776 м2, а планирана е целосна реконструкција со поставување на тампон во висина од 20 сантиметри и асфалт со висина од 10 сантиметри.
Во рамките на постигнатиот договор изведувачот е должен да набави 55 нови сообраќајни знаци, како и хоризонтално обележување на коловозите на површина од 387 м2.
„Очекуваме да започнеме со работа во пролетните месеци, сега сме во процес на обезбедување на потребните дозволи. Овој проект е планиран одамна, но експропријацијата на земјиштето ја кочеше целата работа. На сопствениците им се исплатени околу 200.000 евра и сега во најголем дел се завршени правните процеси“, објасни Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи.
Градежните рабoти ќе ги изведува фирмата „КООП Инженеринг“ од Куманово, која е обврзана работата да ја заврши за 68 работни дена од започнување на работите.
Вкупната вредност на новиот кружен тек е 22,6 милиони денари, односно 367.500 илјади евра.