Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Невработените лица од Куманово можат да се пријават во работните клубови на Центарот за вработување за „Обуки за побарувани занимања на пазарот на труд“. Обуките ќе се изведуваат кај верификувани спроведувачи на обуки.
Има посебни програми за лица кои имаат завршено основно, и лица со комплетирано средно образование.
„Обработувач на метал - бравар и обработувач на метал – заварувач се обуките наменети за лица со основно образование. За невработените лица кои го комплетирале средното образование ќе се организираат обуки за „Оператер за графички и веб дизајн“, стои во повикот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија (АВРСМ).
Обуката ќе се реализира во период од два месеци, а по завршување кандидатите ќе изведуваат секојдневна практична работа во реални услови кај работодавачи во времетраење од еден месец. Постои можност практичната работа да се изведе кај истата приватна компанија (работодавач) која ја држела обуката. По завршување на обуката се полагаат испити, по што кандидатите добиваат сертификати за успешно совладување на курсот.
Во текот на тие три месеци кандидатите ќе добиваат месечен бруто надомест во висина од 11.000,00 денари, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионалнa болест и данок на личен доход. Граѓаните корисници на гарантирана минимална помош или користат право на парична помош од социјална заштита или паричен надоместок, за времетраење на обуката не го губат ова право.
Обуките ќе се спроведат доколку има доволен број на пријавени кандидати, а при селекција на пријавените кандидати предност за вклучување во обуките ќе имаат невработени лица кои претходно не биле вклучени во оваа мерка.
Мерката е во рамките на редовната програма АВРСМ, а наменета е за долгорочно невработени лица со завршено основно или комплетирано средно образование кои сакаат да се преквалификуваат за да станат поконкурентни на пазарот на труд.