Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Регионалната занаетчиска комора Куманово со поддршка на Министерството за економија и труд ќе организира обуки за дигитален маркетинг и управување со финансии за своите членовите.
Обезбедени се 280.000 денари за таа намена, а обуките ќе се спроведуваат во периодот од јануари до април следната година.
Можат да се пријават сите заинтересирани претприемачи, не само занаетчии, туку и поединци или сопственици на мали претпријатија.
„Оние кои ќе го посетуваат курсот на крај ќе добијат сертификати. Динамиката предвидува секоја недела да има по една обука, од професионални обучувачи, по различни ставки, кои се наведени во проектот. Верувам дека ќе имаме успешна реализација во Куманово“, изјави Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Македонија.
За да имаат поголема присутност и поголеми бенефити за сите занаетчии и мали претпријатија во градот наскоро ќе се објави повик за обуките.
Целта на обуката за дигитален маркетинг на социјалните мрежи е да им се помогне на занаетчиите во реализација на рекламите, промоција на нивните продукти со користење на сите достапни алатки.
Според Фазлији, ова го применуваат затоа што малите стопанственици не можат да си дозволат да се рекламираат во медиумите. Ова не е прва обука од ваков тип, а до сегашните покажале позитивни резултати.
За претседателот на комората многу е важна и обуката за управување со финансии, преку која сакаат да ги научат како сами да аплицираат на одредени јавни повици или програми со сопствени проекти, без разлика дали на национално ниво или распишани од локалната самоуправа.
„Со тоа ќе можат да обезбедат средства за поголема ликвидност на бизнисот и поголема конкурентност на пазарот. Се надевам дека нашите членови ќе бидат задоволни од напорите што ги прави комората за да го реализираме успешно проектот“, објаснува Фазлији.
Финансиските средства ги доделува Министерството за економија и труд за организациите на потрошувачи и за програмите што поттикнуваат развој на занаетчиството, претприемништвото и конкурентноста на преработувачките индустрии. Ќе бидат поддржани 26 проекти со повеќе од 6 милиони денари од целата држава.
Регионалната занаетчиска комора за следната година планира спроведување на 5 други проекти, меѓу кои и два за меѓугранична соработка, едниот со Србија, вториот со Косово.