Мени

„Од фикција до автофикција“ – Меѓународен фестивал на проза во Куманово

19.05.2026 10:26 | KumanovoNews

Во фоајето на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утре и задутре (среда и четврток) ќе се одржи петтиот Меѓународен фестивал на проза на тема „Од фикција до автофикција“.

„Од фикција до автофикција“ – Меѓународен фестивал на проза во Куманово

Фестивалот ќе отвори простор за продлабочен книжевен дијалог за современите наративни текови, позицијата на авторот во текстот и трансформацијата на личното искуство во литература. На настанот ќе учествуваат еминентни домашни и странски автори и културни дејци.

Отворањето на фестивалот е закажано за утре во 20 часот, а во првата фестивалска вечер ќе настапат авторите Блаже Миневски, Виолета Радкова (Бугарија), Бојан Бабиќ (Србија), како и модераторот Душко Крстевски.

Вториот фестивалски ден ќе започне во 12 часот со работилница за деца под раководство на Бистра Георгиева, а официјалната програма ќе продолжи во 20 часот со учество на Михајло Свидерски, Соња Станковска, Владимир Илиевски, Ардиан Рамадани, Ирена Јурчева и модераторката Александра Јуруковска.

„Програмата ќе понуди книжевни читања, дебати и разговори посветени на еден од најзначајните феномени во современата проза – автофикцијата. Панелистите ќе дискутираат за прашањата: каде завршува фикцијата, а каде започнува личната вистина, и колку авторот останува присутен во сопствениот текст. Меѓународниот фестивал претставува значајна културна платформа за размена на идеи, естетики и современи книжевни перспективи, афирмирајќи ја прозата како жив и динамичен простор за уметничко и општествено преиспитување“, велат организаторите.

Фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Куманово.