Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со свечена седница на советниците денеска во ОУ “Светозар Марковиќ“ беше одбележан Денот на Општина Старо Нагоричане.
Пред гостите беше прикажана видео презентација на проектите кои се сработени последнава година како што е тампонирање на неколку патни правци, доделување на еднократна парична помош за студентите во општината, чистење на каналите, реновирање на општинската зграда, изграден скромен дом за бездомник и друго.
Градоначалникот Милован Стојковски нагласи дека иако затекнал лоша финансиска состојба, сепак работите се придвижуваат во позитивна насока.
Оранжериите во Младо Нагоричане и се очекува да стартуваат со работа идната година. Во преговори сме за две инвестиции: првата е фабрика за шешири во с.Старо Нагоричане, италијанска инвестиција и втората изградба на оранжерии од кредитна линија на Израелска влада во с.Младо Нагоричане. Од мртва точка тргна и состојбата со ладилникот во с.Старо Нагоричане, Охридска банка чека потенцијален купувач - изјави Стојковски.
Тој додава дека се поправени и порамнени 30 патни правци, бањата во Стрновац е ревитализирана и се очекува потенцијален концесионер.
Доделени беа и Ноемвриските награди на фирми, поединци, здруженија за нивните достигнувања.
Последниве 6 години се занимаваме со земјоделство. Почнаваме со сточарство, со овци, а од оваа година се обидуваме и со свињи. Обработуваме 8 хектари земја. Произведуваме пченка, пченица, јачмен. За тешко, да тешко и напорно е, но може да се обезбеди пристоен живот - вели Елизабета Томовска од с.Челопек, избрана за најдобар земјоделец.
Соња Китановска од с.Цетишница е наградена како најдобар студент во општината. Таа дипломирала на Правниот факултет во Скопје.
Пресреќна сум што сум наградена. Наградата многу ми значи. Успехот е важен за секој млад човек. Во скоро време очекувам вработување по струка и се надевам дека ќе напредувам - објаснува Китановска.
Наградени се и: Ласте Јакимовски од Облавце најдобар сточар, Ненад Павловски од с.Алгуња најдобар земјоделец, најуспешни фирми ДПТУ “Ѓорѓо комерц“ од с.Младо Нагоричане и ЈКП “Козјак“,Стојан Ѓорѓевиќ од с.Старо Нагоричане за уреден двор.
Најуспешно здружение на граѓани е “Извор“, спортист Милена Стефановска од Младо Нагоричане и Мартин Павловски од Жегљане. Сашо Костовски од ОУ “Христијан Тодоровски - Карпош“ во с.Драгоманце е најдобар професор, најдобари основци се Фросина Станковска од Младо Нагоричане и Кристина Гутевиќ од Старо Нагоричане, средношколец Ивана Ангеловска од Облавце, ученик во Гимназија “Гоце Делчев“. Најдобро организираната месна заедница е од с.Бајловце, полицаец Бобан Тошиќ од с.Никуљане, ловец Ацо Михајловски од Дејловце, риболовец Далибор Ангеловски од Драгоманце, работник во општината е Лила Лазаревска, најдобро организирано е маалото Пиленац од Младо Нагоричане.
Благодарници добија Зоран Павловски од Мултимедијален центар “Карпино„, Зоран Бојковски од “Козајчија во срцето“, Борче Стојковски од “Опен фан фудбал“ и Гуте Стојмановиќ од ФК“Козјак“.