×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Одржана комеморација за Богдан Таневски, директорот на Музеј Куманово

    07.04.2022 12:06 | Жаклина Цветковска

    Бројни колеги, соработници, пријатели и членови на семејството денеска се простија од  директорот на Музеј Куманово, Богдан Таневски, на комеморација која се одржа во некогашниот Занаетчиски дом.

    Одржана комеморација за Богдан Таневски, директорот  на Музеј Куманово

    „Богдан беше мајстор на својот занает, човек со златни раце и големо срце, стакнат историчар на уметност, конзерватор, наш колега. Замина тивко онака како што живееше, мирно, достоинствено, ненаметливо. Македонија загуби голем стручњак и одличен соработник во областа на конзервацијата и музеологијата“, рекоа неговите колеги и соработници.

    На комеморацијата беше истакнато дека љубовта кон уметноста, старините  и конзерваторската работа на  Богдан Таневски потекнува уште од средношколските денови преку пријателска дружба со истакнатиот уметник Момчило Петровски. На свои 27 години започнува да работи во кумановскиот музеј и долги 37 години посветено  се труди да ја развие музејската дејност на градот,  а во 2006- та година Куманово за првпат да добие и  постојана музејска  поставка.

    Во трите мандати како директор на кумановскиот музеј  го превзема во надлежност Меморијалниот Центар АСНОМ, целосно ја обновува музејската зграда, уметничката галерија, Спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош, а го уредува и лапидариумот во музејскиот двор. Исто така, реализира бројни ликовните колонии, изложби и другите манифестации.

    Како истакнат стручњак, работи низ цела Македонија на  конзервација на икони, иконостаси, фрескоживопис, резби. Работеше и на реставрација на мозаици, епиграфски материјали, музејски експонати, споменици од културата.

    На комеморацијата се обратија неговите најблиски колеги, секретарот на Општина Куманово, Александар Гелевски и поранешниот градоначалник Благе Кипријановски, а од членовите на семејството за својот татко Богдан говореше неговата ќерка Александра Таневска.

    Богдан Таневски ненадејно почина на 3 април годинава,  на 64-годишна возраст. Роден е на 23 мај 1958 година во Куманово. Основно и средно училиште завршил во родниот град , во 1984 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, отсек Историја на уметност со археологија.

    За неколку месеци требаше да замине во пензија.