Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сопствениците на хаварисани, неисправни или нерегистрирани возила, кои се паркирани на јавни површини во Куманово, од денеска ќе добијат опомени за нивно отстранување, или во спротивно ќе се соочат со казна од 250 евра.
Од Општината информираат дека старите возила бесплатно ќе бидат транспортирани до овластените отпади за старо железо, а сопствениците треба само да се пријават кај нив.
„Се повикуваат сопствениците на ваков вид возила да се обратат до Сектор за инспекциски надзор – Инспекторат, со цел возилата бесплатно да им бидат транспортирани на соодветна локација. Во спротивно, доколку сопствениците не постапат согласно со бараното, против нив ќе биде поднесена пријава за сторен прекршок“, информираат од Општина Куманово.
Доколку возилото не биде отстрането во предвидеиот период ќе биде поднесена прекршочна пријава од Законот за безбедност на сообраќај на патиштата, Законот за јавна чистота и Законот за управување со дополнителни текови на отпад, а казната е во висина од 250 евра.
Општина Куманово веќе организираше акција за бесплатно отстранување на возилата, која траеше од 28 октомври до 28 ноември, минатата година, но тогаш, само двајца граѓани се јавиле до надлежните служби.
Во изминатиот период неколкупати беше најавено дека ќе се започне со доставување опомени до сопствениците на стари или хаварисани автомобили кои се оставени на јавни површини, за што пишуваше Кумановоњуз.
Од Секторот за инспекциски надзор во Општина Куманово велат дека тие изработиле попис на 70- тина хаварисани возила кои се наоѓаат натротоари, паркови и тревници. Градот кубури со паркинг простор, додека голем број на возила со години стојат заборавени на јавни површини.
(Фото: Општина Куманово)