Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците од Коалицијата за подобра Македонија на вчерашната седница на Совет ги критикуваа новите вработувања во ЈП “Куманово - гас“, затоа што сметаат дека тие се непотребни во време кога претпријатието се дави во долгови.
Според нив “Куманово - гас“ нема услови за нови вработувања бидејќи има двојно повеќе расходи од приходи.
Овозможувате “азил“ на функционери до пензионирање. Овие вработувања се политички наметнати. Покажувате загуби, а од друга страна се зголемува бројот на вработени. За 5 - 6 години ова претпријатије има акумулирано загуби од 27.000.000 денари и ако продолжите со вакво темпо со приходите ќе може да се покрива само загубата - смета Драган Петковски, советник од ВМРО - ДПМНЕ.
Во претпријатието во 2012 година потрошени се 4.153.000 денари за плати, во 2013 со новите две вработувања таа сума се зголемила за милион денари или за 22 отсто повеќе. Директорот се правдаше дека вработувањата се неопходни.
Зголемен е бројот на вработени за двајца, поранешниот директор сега е советник и вработен е еден советник за правни работи. Зголемувањето на мрежата има потреба и од зголемување на човечките ресурси. Штедиме на сите полиња откако сум јас директор. За репрезентација во сите квартални извештаи се гледа дека сумите се намалени - одговори Драган Петровски, директор на ЈП“Куманово - гас“.
Градоначалникот Зоран Дамјановски и советникот од СДСМ, Александар Арсиќ образложија дека греењето на гас има економски бенефит, ќе придонесе за почиста околина и тие очекуваат бројот на приклучоци да се зголемува.