×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општина Куманово ќе се задолжи милион евра за да купи механизација за јавните претпријатија

    01.10.2020 08:53 | KumanovoNews

    Општина Куманово ќе земе кредит од Светската банка за обнова и развој за да купи опрема и механизација за јавните претпријатија, кои се дават во долгови и имаат проблеми во работењето. Кредитот е во висина од 63.754.712 денари или 1 милион евра, со каматна стапка од 1 отсто, рокот на враќањето е 10 години и грејс период од 3 години.

    Општина Куманово ќе се задолжи милион евра за да купи механизација за јавните претпријатија

    - Вкупниот износ кој треба да се врати во вид на камата е 2 до 3 милиони денари за период од 10 години. Ова се атрактивни средства кои се обезбедуваат преку државата, а по имплементација на проектот Општината добива неповратни средства во висина од 20 проценти од кредитот или во овој случај над 200 илјади евра, кои треба да се искористат за изградба на инфраструктура во градот. Општина Куманово поседува фискален капацитет да го врати кредитот и за една година, но овде повеќе се работи за грант средствата кои ние треба да ги добиеме по успешна реализација на проектот, -  рече градоначалникот Максим Димитриевски при образложувањето на проектот во Советот.

    Парите од кредитот ќе се искористат за набавка на опрема и технички возила за вршење на услуги и подобрување на квалитетот на услугите на граѓаните на Куманово.

    - Конкретно, ЈП ‘Чистота и зеленило’ ќе купи дел од опрема за зимско одржување на улици и камион за собирање смет, ЈП ‘Куманово-гас’ ќе набави камион и багер за работа на гасификационата мрежа, ЈП ‘Водовод’ ќе обезбеди ровокопач за одржување на водоводната и канализациона мрежа, додека ЈП ‘Куманово-паркинг’ ќе обезбеди ново пајак возило, бидејќи постоечките што ги добивме како донација се многу стари и амортизирани, - рече Димитриевски.

    Со набавка на новата опрема, Општината планира јавните претпријатија да ги ангажира за вршење нови услуги за кои досега се ангажирале приватни претпријатија и со тоа да заштеди одредени средства, со кои ќе го враќа кредитот и ќе ја подобри финсиската состојба во четирите претпријатија.

    Советниците од опозицијата не го поддржаа предлогот за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово и го напуштија гласањето, затоа што сметаат дека јавните претпријатија треба сами да инвестираат во својот развој и дека во ваква тешка економска состојба Општината не треба да се задолжува. На нивните забелешки зошто овие средства нема да се потрошат на капитални инвестиции во инфраструктурата, како што е изградба на патишта, канализација или купување на противпожарно возило, градоначалникот објасни дека проектот дозволува да се инвестира во дејности кои создаваат приходи.

    Апликацијата за Вториот проект за подобрување на општинските услуги е поднесена во 2018, а во конкуренција на повеќе општини Куманово го доби проектот во висина од еден милион евра. Неговата реализација е во овој период затоа што Општина Куманово, по 9 години, од пред неколку месеци има деблокирана сметка, откако со многу одложувања и камати го исплати кредитот од МЕАП програмата за реконструкција на водоводната и канализациона мрежа и изградба на пречистителна станица.

    (С.Н.)