Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово објави конкурс за сувенир на градот за 2024 година врз основа на Програмата за локален економски развој.
Ова е традиционален начин со кој Општината поддржува идеи и автентични трудови за креирање на производ кој ќе го отсликува карактеристиките на градот, а е изработен од занаетчии, академски или наивни уметници и ракотворци.
Сувенирот мора да има елементи на препознатливост, да ја отсликува традицијата и културно-историските, духовни, материјални и природни богатства на Куманово и да биде прилагоден за масовно производство, а наменет е за туристичка промоција на градот.
„Наградата за сувенир на градот изнесува 100 илјади денари и поделена е во два дела. Авторот за идејата и вложениот труд се наградува со 30 илјади денари, а останатите 70 се наменети за производство на одредена количина на сувенирот, односно одреден број на предмети по барање на Општина Куманово“, стои во објавата на Општината.
Материјалот на изработка мора да е стабилен и еколошки прифатлив- керамика, камен, метал, дрво, стакло, глина, гипс, текстил итн. Предложеното идејно решение мора да е прилагодено за масовно производство. Пријавувањето е отворено до 21 октомври до 15 часот.
Во 2023 година не беше избран сувенир на градот, затоа што никој од пријавените не ги исполнил критериумите.
Сувенирот „Пафта - украс од женски колан“ беше избран за 2022 година.