Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Обезбедување на топол оброк на лица во најголем социјален ризик е новата мерка на Општина Куманово во рамки на програмата за социјална заштита на граѓаните.
Средствата за оваа намена изнесуваат 5,4 милиони денари, а веќе од јануари ќе започнат подготовките за што поскоро да се стартува со работа.
Оброците ќе се подготвуваат и дистрибуираат преку интернатот кај Техничкото училиште „ Наце Буѓони“.
„Во преговори сме со Центарот за социјални работи од Куманово за дефинирање на начините и прописите по кои би ја имплементирале мерката. Дилемата е дали да постапиме според старите списоци или ќе создадеме нов правилник. Тоа се административни поединости за кои верувам дека набргу ќе ги разрешиме“, истакна Александар Крстевски, раководител на Секторот за социјална заштита.
Според делегираната надлежност за подготовка на оброците ќе биде задолжен Ученичкиот дом „ Професор Михајловиќ“, а храната ќе се дели во форма на ланч- пакети и нема да се користи трпезаријата на интернатот.
Иста мерка има и Центарот за социјални работи од Куманово која опслужува повеќе од 250 корисници од Куманово и Старо Нагоричане. Оброци добиваат корисници на социјална парична помош, односно лица кои не се во можност да си обезбедат оброк во текот на денот. Тука спаѓаат: бездомници, семејства изложени на ризик, работнонеспособни лица, стари и болни лица, самохрани мајки и др. Помошта се доделува по строго дефинирани критериуми и детални проверки, па се очекува истиот модел да
биде применет и на општинскиот сервис.
Ваква мерка за првпат била воведена во 2008 година, но поради недостиг на средства општината ја прекинала пред неколку години. Министерството за труд и социјална политика во континуитет обезбедува топол оброк, а немала прекид во снабдувањето ни за време на ковид-кризата.
(фото. архива Кумановоњуз)