Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово распиша јавен оглас за избор на младинска организација, која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово, основан во септември минатата година.
Младинскиот центар ќе биде место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат прогами со кои ќе се подобрува состојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот, ќе се нудат информации од важен интерес и други аспекти од животот на младите.
Младинскиот центар беше свечено отворен на 25 јуни минатата година во присуство на тогашниот премиер Зоран Заев, директорот на Агенцијата за мади и спорт Наумче Мојсоски, градоначалникот Максим Димитриевски, претставник од Холандската амбасада и други младински работници и активисти.
Се работи за прв таков центар во државата, отворен согласно Законот за младинско учество и младински политики и стандардите за младински центри, соодветен и безбеден простор, каде ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот во заедницата преку неформално образование, преку информирање, менторство, забавни, волонтерски и други активности.
Младинскиот центар во Куманово ќе биде од отворен тип и достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку 5 дена. Висината на финансиски средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година е во процентуална вредност од 50 отсто до 70 отсто од потребните средства за реализација на поднесената Програма за работа на Младинскиот центар Куманово, но не повеќе од 600 илјади денари.
Заинтересираните организации треба да достават соодветна програма за работа, а Општина Куманово ќе склучи договор за управување со Младинскиот центар, во периодот од февруари 2022 до февруари 2025 година, со младинската организација или организацијата за млади, која ќе биде избрана на овој јавен повик.
Право на учество имаат младински организации или организации за млади со седиште во општина Куманово, кои се регистрирани во Регистарот на младински организации и организации за млади, постојат повеќе од 5 години и работат во полето на младинската работа и младинскиот активизам.