Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово со свои средства ќе ја стави во функција коловозната лента на улицата „Ѓорче Петров“, на влезот во населбата „Перо Чичо“, која е блокирана повеќе од една година поради застој на изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце.
Како што извести градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, општината ќе поведе и постапка за надомест на штета од страна на инвеститорот кој ги проби сите рокови за изградба и реконструкција на железничкиот мост.
„Поради застој на проектот на МЖ за реконструкција на железничкиот мост на влезот од населбата „Перо Чичо“, Општина Куманово одвои сопствени средства да го врати во првобитна состојба овој дел на коловозот и воедно ќе поведе постапка за надомест на штета од страна на инвеститорот кој ги проби сите зададени рокови за изведба.
Особено жалам што и покрај долгиот временски период, инвеститорот не успеа да ја заврши оваа фаза на изградба на пругата Куманово - Бељаковце, за што се извинувам на граѓаните за времениот сообраќаен режим кој што беше воведен на оваа локација во изминатиот период“, рече тој.
Реконструкција на постоечкиот железнички подвозник и изградба на нов патен надвозник на ул. „Ѓорче Петров“, како дел од проектот за изградба на Железничкиот коридор 8, започна минатата година во месец јули, а од фирмата првично беше најавено дека истиот ќе заврши до крајот на 2019 година. Меѓутоа, изградбата на мостот продолжи и наредната година, а веќе во месецот јуни градежната фирма ја повлече својата механизација од теренот.
Од Министерството за транспорт и врски, кога беше стопирана изградбата рекоа дека ќе покренат постапка против германската фирма а работата ќе продолжи наредната година, откако ќе се изврши увид до каде се работите и ќе се распише тендер за избор на нова фирма изведувач.
Поради зголемениот метеж, граѓаните кои секојдневно поминуваат повеќепати по оваа собраќајница многупати досега протестираа и бараа решение на проблемот од локалните и државните власти.
(Ф.Марковска)