Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Невладините организации „ВОЕЦ“, „Мајка“, ДРОМ и Здружението на дијабетичари ќе добијат 250.000 денари од Општина Куманово за спроведување на кампањи за здравствена заштита на граѓаните.
Здружението за промовирање на современи практики и образование „ВОЕЦ“ за проектот „Сликај со срце“ за борба против врсничко насилство ќе креира дигитални слики со основците за што ќе добие 75.000 денари, Хуманитарното здружение „Мајка“ ќе изработи документарниот филм „Не прифаќај нешто што не е познато“ и ќе одржи неколку едукативни работилници за 75.000 денари, од програма за социјална и детска заштита. Додека Здружението на дијабетичари ќе го реализира проектот „Делуваме денеска да промениме утре“ за 50 илјади денари, а Центарот за ромска заедница ДРОМ за два проекти: „Вакцинирани деца, мудро родителство“ и „Твоето здравје е во твои раце, провери се денеска“ ќе добие вкупно 50 илјади, од програмата за здравствена заштита. Проектите треба да се реализираат во текот на овој месец.
„Промовирањето и превентивните кампањи се прво нешто што треба да се направи во заедницата, а подоцна да се соочуваме со проблемите, ако постојат. Општината е секогаш подготвена за соработка, секогаш е повеќе за превенција отколку за решавање на било кои последици кои настануваат подоцна. Се надевам дека вакви кампањи, а и финансискиот буџет уште повеќе ќе се зголемуваат во наредниот период“, истакна претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска.
На двата јавни повика, преку Програмата за социјална заштита и заштита на деца и Програма за спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи имало шест пријави, но една е одбиена поради некомплетна документација.