Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Лап-топите се неоходни за советниците, а ако немој смета дека може да работи без лап-топ тогаш може слободно да се откаже и да не го подигне, а ние ќе најдеме начин каде ќе го користиме, изјави градоначалникот Максим Димитриевски, по барањето на координаторката на ВМРО-ДПМЕ, Елена Доцевска Божиновска, општината да се откаже од набавката на нови лап-топи за потребите на советниците.
„Политички изјави не сакам да коментирам. Сметам дека поедини претставници во Советот треба да одлучуваат брз база на нивните лични ставови коишто ги носат, а јас ќе ги прифаќам таквите сугестии. Постапката е веќе во тек, распишана е повеќе од 2 месеци и ќе се набават секако. Но, и да се набави таа опрема, доколку некој смета дека не му е потребна да ја користи, тогаш може слободно да ја остави на општината, ние ќе ја најдеме каде и како ќе ги дистрибуираме, таму каде што е најнеопходно“, кажа Димитриевски.
Општина Куманово има распишано тендер за набавка на 33 лап-топи во вредност од 10 илјади евра. На ова сознание јавно реагираше Доцевска-Божиновска, која напиша дека одлуката донесена од претходниот состав ја смета за непотребна и неразумна.
„Во услови на кризи, економска, енергетска и здравствена не знам која е оправданоста за трошење на над 600.000 денари на нови лап-топи за советниците!? Што е со старите лап-топи? Та ние советниците не сме програмери, компјутерски инженери па да ни треба нови компјутери и да ни е битна конфигурацијата на истите“, праша советничката.
Градоначалникот вели дека во последните 2 години општината има издвоени големи средства за набавка за високо технолошка опрема во училиштата, од електоронски уреди и смарт табли, и тие се доволно опремени, но секоја донација е добредојдена.
Тој додава дека е пракса после секоја мандат да се набавуваат нови компјутери, затоа што и тие имаат вка на траење и некогаш е поефтино да се купи нова компјутерска опрема отколку да се сервисира старата.
„Субвенциите коишто ги добиваме при потпишување на договорот со мобилните оператери се обидуваме да ги искористиме за набавка на дополнителна електронска опрема, којашто ја даваме на користење на општинските служби или дел на јавните претпријатија. Последниот случај беше за ковид центарот, кој општината со тие средства го опреми со електронска опрема. Во овој случај лап-топите се неоходни за советниците“, кажа Димитриевски.
Советниците од стариот состав веќе ги вратиле старите лап-топи, од кои дел ќе бидат репарирани и вратени во функција.