Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во периодот од 2019 до 2023 година, заклучно со мај, според судски решенија, Општина Куманово им исплатила за каснување од куче на оштетени граѓани околу 2.2 милиони денари или близу 36.000 евра.
Најмногу средства, околу 1.1 милион денари или близу 18.000 евра се исплатени во 2022 година. Највисоката исплатена сума, пак, изнесува 215.000 со камата или 192.000 без камата, која е исплатена во 2021 година. Исплатата на камата, покрај главницата, е чест случај при надоместувањето на штета. Само во мал број случаи граѓаните добиеле отштета од околу 100 евра, додека останатите во просек земале од 1.000 до 1.500 евра.
Овие наоди се дел од анализата на НВО Инфоцентар и партнерските организации кои спроведоа мониторинг на мерките и активностите што ги преземаат општините за решавање на проблемот со бездомните кучиња и нивниот хуман третман.
„Во градот постои прифатилиште одобрено од Агенцијата за храна и ветрина, но нема стационар, а општината не спроведува кампањи за вдомување, ниту пак тоа го планира со активностите од новоизработената програма за решавање на проблемот со бездомните кучиња за 2023 - 2025 година. Предвидена е само едукација на јавноста преку радио и ТВ емисии“, стои во извештајот за Општина Куманово.
Од мониторингот дознаваме и дека заловувањето кучиња-скитници и нивнотo згрижување до 2022 година биле дел од програмите за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комуналната инфраструктура, а за првпат годинава е изготвена посебна програма за решавање на овој проблем за периодот 2023 - 2025 година. Годишниот буџет изнесува 1,5 милиони денари или околу 25.000 евра, а според програмата се проценува дека на територија на општината има околу 200 бездомни кучиња. Месечно се предвидени заловувања на 15 до 20 кучиња или околу 150 до 200 кучиња на годишно ниво.
Според записниците од извршениот инспекциски надзор, во периодот 2019 - мај 2023 година, реализирани се вкупно 75 акции, во кои се заловени 779 бездомни кучиња. Најмногу кучиња биле заловени во 2019 година - вкупно 251, но, нема информација колку од нив се стерилизирани, евтанизирани и колку се вратени на локациите каде се пронајдени.
Во мониторираниот период економски оператор за заловување на бездомните кучиња, е А.Д. Ветеринарно сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово. Вредноста на набавката е под еден милион денари во 2019 и 2020 година, додека од 2021 до 2023 изнесува 1.271.200 денари.
„Забележителен е голем раст на вкупната единечна цена на услугата, која од 2.371 денари со ДДВ во 2019 година, се зголемува на 11.800 веќе наредната 2020 година. Во следните години, цената се движи главно во овие рамки“, се наведува во извештајот.
Најскапа била услугата за стерилизација на женски кучиња, која се движи од 2.800 до 3.300, денари со ДДВ, освен во 2019 година кога цената била иста со стерилизацијата на машки кучиња и многу поефтина, односно чинела само 437 денари.