Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Изградба на водоводни мрежи во руралните средини не е предвидена ниту со Програмата за уредување на градежно земјиште, ниту со Развојната програма на Секторот за комунални дејности на Општина Куманово.
Досега општината нема изготвено техничка документација за оваа инфраструктура, бидејќи станува збор за сложени проекти кои опфаќаат и изградба на пречистителни станици и пропратни мрежи, посочуваат надлежните.
„На пример, само за село Романовце изградба на пречистителна станица чини над 6 до 8 милиони евра. По предмер-пресметките на изработувач на проектот, реномираната фирма Геинг од Скопје, за над 20 км мрежа за самото село би изнесувала некаде околу 5-6 милиони евра. Па, ако во Романовце само за канализациска мрежа би требале 13 милиони евра и дополнително за нов систем за водоснабдување, грубо пресметајте колку средства би биле потребни за сите 46 села на Општина Куманово. Ние не треба ништо да работиме, на времето требало да направат се“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски одговарајќи на советничката Сузана Манчиќ-Спасиќ, која праша дали ќе се градат водоводни мрежи во селата, бидејќи и тие жители заслужуваат квалитетна вода за пиење.
Водовод со години наназад бараат жителите на Љубодраг, Ново Село, Умин Дол, Речица и др.
Најголем број на водоводите во селата ги стопанисуваат одбори за водокорисници, како што се селата Агино село, Скачковце, Орашац, Тромеѓа, Романовце и голем број други села, кои се градени со месен самодопринос од страна на жителите.
„Согласно законот, ЈП „Водовод“ еден ден треба да ги превземе тие системи под своја надлежност. Но, претпријатието не ја презема одговорноста бидејќи тие системи би претставувале дополнителен финасиски губиток поради голем број на диви приклучоци, неорганизирани мрежи, несоодветен третман и изградба, неплаќање“, истакна Димитриевски.
На седницата беше истакнато и дека Куманово се уште има проблеми со водоснабдување во централното градско подрачје и на територијата на градот во делот поделен по зони. На одредени места се уште има инсталација постара од 50 години. Во план била и изградба на капитален проект за изградба на нов цевковод од Куманово до езерото Глажња. Со него ќе се овозможи дополнително напојување на филтер станицата со 250 до 500 литри во секунда вода, а локалната самоуправа ќе може да размислува за проширување на секундарната и терцијална водоводна мрежа на територија на целиот град.