Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Осуммина претставници од кумановската Локална самоуправа се стекнаа со сертификатот за управување со државно градежно земјиште, кое од 1 јули годинава преминува во надлежност на локалните самоуправи.
Добивањето на сертификатот е еден од условите кои општините треба да ги исполнат за да може да управуваат со државното градежно земјиште. Покрај ова, потребно е да имаат изготвено и програма што треба да биде усвоена од страна на Советот на општината.
Согласно законот, секоја општина треба да има одреден број сертифицирани лица, односно најголемите општини по пет лица, помалите по четири и три, а најмалите општини по две сертифицирани лица. Кандидатите кои го полагаа испитот, претходно поминаа обука која беше организирана во мај, а се состоеше од теоретски и практичен дел. Продажбата на градежно државно земјиште ќе се одвива по електронски пат за што веќе од страна на ЗЕЛС и во соработка со УСАИД е обезбеден софтверски систем за опслужување на апликацијата за електронски регистар на градежно земјиште и апликацијата за јавно наддавање.
Согласно Законот за градежно земјиште, општините кои ќе ги исполнат законски пропишаните услови и ќе го воспостават системот за реализирање на електронски јавни наддавања до 1 јули годинава ќе добијат овластување со кое ќе може да ги водат постапките за оттуѓување на неизградено градежно земјиште.