×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општинските пари се трошат без јавна расправа, жителите своите предлози можат да ги дадат само преку политички партии

    17.10.2023 09:47 | KumanovoNews

    Општина Куманово не организира јавни расправи со граѓаните, месните заедници и граѓанските здруженија на кои би ги слушнала нивните забелешки и предлози за граѓанските приоритети кои би се нашле во годишните програми како проекти за реализација и би биле дел од општинскиот буџет.

    Општинските пари се трошат без јавна расправа, жителите своите предлози можат да ги дадат само преку политички партии

    Последниот јавен повик беше упатен во 2021 година, кога на општинскиот сајт се објави анкетен прашалник за доставување на предлози и идеи кои би ги рефлектирале потребите на граѓаните, додека минатата година таква иницијатива изостана.

    Во меѓувреме, дел од политичките субјекти во рамките на своите партиски активности за непосредна комункација со членовите на месните заедници или комитети и организации си прават свое анкетирање, а голем дел од тие потреби и предлози ги презентираат на Комисијата за финасиски прашања и на Советот на Општина Куманово.

     „Покрај непосредните контакти, упатуваме и јавен повик до сите засегнати граѓани да ни достават свои идеи, забелешки и предлози, обично некаде во ноември. И тоа се страници и страници на предлози. Во меѓувреме изградени се инфраструктурни, водоводни и канализациски мрежи, асфалтирани се улици, направени се детски игралишта, кои се главно на барање на жителите. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ доставува предлози кои влегуваат во годишната програма на локално ниво за комунални и инфраструктурни инвестиции во градот“, истакна Елена Доцевска - Божиновска, координатор на советничката група.

    Наспроти ова, граѓаните сметаат дека партиите фаворизираат само одредени населби во кои имаат силна поддршка на изборите и настојуваат истата да ја зацврстат, додека останатите ги нема на нивната листа. Па така, забелешките се дека „Наше Куманово“ асфалтира улици само во населбата Карпош, додека ВМРО-ДПМНЕ е сконцентрирано на решавње на проблемите во Пуковско.

    И советникот Миле Андоновски од Партијата на пензионерите го потврдува нашето укажување дека со години наназад нема јавна расправа за општинската каса, ниту, ниту пак, транспарентност во планирањето на средствата, иако во 2020 година советниците посетувале обука организирана од ОБСЕ, токму на таа тема, како да се проектира и троши општинскиот буџет.  Но, и покрај тоа, вели дека Советот нема увид како се проектира буџетот, ниту пак има отчетност како се трошат парите на граѓаните.  

    „Општинската администрација прави замка со тоа што на Советот прво му дава да ја гласа програмата за развој, која е желботека на локалната власт, а на наредната седница се гласа буџетот. Во буџетот се предвидуваат пари само за проектите што се во развојната програма, и со тоа немаме можност да предложиме да се финасира нешто друго надвор од неа", вели Андоновски.  
      

    Поради тоа јавните консултации, но не преку партиите, туку преку форуми, дебати, трибини и други форми на партиципативно граѓанско учество за распределба на буџетските средства, треба да се во организација на Општината, бидејќи тое е и законска обврска. Тоа е начин општинската администрација да собере квалитетни предлози доколку има рационална и отворена дебата, а тоа било практика во неколку наврати во периодот од 2000 - 2005 година. За жал, денес голем дел од жителите не ги познаваат советниците, иако се нивни претставници, што значи дека комуникацијата е на ниско ниво и не се застапуваат доволно граѓанските потреби и интереси.

    „Друго прашање е што се ќе се земе предвид при креирањето на буџетот, а што до крајот ќе се реализира. Се случува граѓаните да се залагаат за грандиозни, капитални проекти во кои треба да се вложи целиот расположив буџет на општината. Голем дел од предлозите на граѓаните не кореспондираат со реалните финасиски можности на општината, па се случува да се реализираат само 10% од предложените проектите“, ги пренесува своите искуства Бранко Арсовски, поранешен претседател на Советот, кога имало јавни расправи.

    Тоа само потврдува дека е потребно редовно практикување на граѓанското учество во дефинирање на граѓанските приоритети и изготвување на општинскиот буџет. Граѓаните треба да знаат дека општинските средства не се желботека и не може да се реализираат сите приоритети, туку само оние кои се реални, издржани и според можностите на локалната самоуправа.

    Пример за тоа е Општина Крива Паланка која редовно спроведува буџетски форуми и други форми на граѓанско учество при изготвување на општинскиот буџет. Така, општината го креираше буџетот за 2023 година со широко партиципативно учество на граѓаните, кои активно беа вклучени во подготвувањето на оперативните програми . Од страна на граѓаните  беа дадени 79 предлози од кои општината прифати 48 издржани и реални проекти или 68 отсто од граѓанските приоритети. Така е  креиран буџет по мерка на граѓаните, кој е прилагоден на потребите на сите жители на Крива Паланка, а истовремено е и родово - одговорен буџет, бидејки во програмите се внесени и индикатори за родова рамноправност. Кон крајот на текованата 2023 предвидена е сесија на која општината треба да даде отчет за реализација на граѓанските предлози и приоритети, произлезени од форумскиот процес.

    Буџетот на Општина Куманово за 2023 година, пак, изнесува 38 милиони евра од кои 15 милиони евра се основен буџет, дотации од централната власт се 20 милиони евра, самофинансирачки активности 1,1 милиони евра, донации 500 илјади евра и кредити 680 илјади евра. Развојната програма на буџетот изнесува 2,4 милиони евра, а во неа е предвидено проширување на гасоводната мрежа, изградба и реконструкција на улици, реконструкција на плоштадот, изградба на кружните текови, изградба на фекална канализација за Лопате и Бедиње и реконструкција на водоводната мрежа на улиците „Никола Тесла“ и „11 Ноември“.

    Во споредба со периодот од пред 20 години буџетот е фиктивно поголем, но реалните годишни средства не се поголеми од 7 до 8 милиони евра. Најголемата ставка на секој буџет е наменета за плати во локалната администрација, јавните институции, во културата и спортот, а од блок дотации се исплаќаат вработените во образованието.

    Јавен повик за расправа и широка дебата пред стручната јавност, месните заедници и граѓаните, за да се слушнат и нивните барања и приоритети како да се трошат народните пари последен пат е објавен во 2021 година. Нема информации колку предлози се доставени, кои се прифатени и дали има реализација на некој од нив.