Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уште три клупи се уништени на Градскиот кеј во Куманово, што е трет вандалски чин во градот во последните три недели. Искорнатите клупи биле забележани од вработените на ЈП „Чистота и зеленило“ во утринските часови.
Надлежните повторуваат дека тоа е акт на несовесни граѓани, но посочуваат дека што поскоро мора да се најде решение и да се застане на патот на уништувањето на урбаната опрема.
„Не знам што се случува, ова не е дело на еден или двајца, клупите се бетонски, прилично тешки, мора да има повеќе луѓе кои ќе успеат да ја искорнат од подлогата. Поставување на камери на јавните прометни површини, почести полициски патроли и ригорозни казни доколку се утврдат сторителите се единственото решение“, објасни директорот Ненад Стојановски.
Уништувањето на урбаната опрема трае во континуитет, се почести се ваквите вандалски чинови. Несовесното однесување на поедини граѓани претставува сериозен проблем за заедницата и ги зголемува трошоците за одржување, но и негативно влијае врз сите кумановци како корисници на истите.
Досега имало најмалку десет случаи на оштетување на бетонските клупи. Урбаната опрема ја набавува Општина Куманово, а првите такви клупи беа монтирани токму на кејот на почетокот на ноември минатата година.
„Апелираме уште еднаш до граѓаните да се грижат за општинскиот имот и потсетуваме дека согласно со актуелните законски одредби, забрането е уништување на урбана и друга опрема за што е предвидена казна за сторителите“, стои во соопшѓтението на „Чистота и зеленило“.
Граѓаните се револтирани бидејќо со години наназад се уништува јавното добро, а досега нема ниту една казна за сторителите.
Пред десетина дена три клупи завршија во реката Кумановка во Стариот градски парк, а претходно на 27 јули беше пријавено оштетување на една клупа на кејот.