Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Инспекторите за сообраќај при Општина Куманово, вчера и завчера извршиле контрола на сите линии со кои имаат склучено договори за извршување на јавен превоз, при што откриле неправилности во нивното работење.
„Со оваа инспекциска контрола утврдени се голем број на неправилности и нерегуларности т.е. компаниите даватели на услугите не го почитуваат договорот кој што е склучен со Општината, а со тоа и не обезбедуваат соодветна услуга на крајните корисници – граѓаните на Општина Куманово, за што е во тек постапка од страна на надлежниот инспекторат и за чии исход ќе бидат дополнително информирани и превозниците и јавноста“, стои во соопштенито од Општината, без да се прецизира за колку прекршоци се работии, кои компании ги направиле и дали поради тоа се исклучени од сообраќај.
Од Општината додаваат дека Куманово со години наназад се соочува со голем број на проблеми и пропусти во јавниот превоз, а со цел да ги отстрани и елиминира сите неправилности општината ќе работи исклучиво согласно законот и ќе инсистира давателите на овие јавни услуги во целост да се придржуваат до договореното.
Тие вината за хаосот во сообраќајот ја лоцираат кај дел од превозниците.
„Жалиме што при извршување на нашите надлежности, а поради недоволно ниво на професионалност од страна на одредени компании, кои што се занимаваат со оваа дејност – превоз на патници, граѓаните на одреден линии се соочуваат со потешкотии и секојдневни проблеми во делот на користење на јавниот превоз“, наведува Општината.
Компании коишто се пријавиле и извршуваат превоз во градот сe: ДСТУ ЈОЦО – ТУРС МС ДОО Куманово, ДППТ ШТУЗ – ПАТНИЧКИ ДООЕЛ Куманово, ДПТТУ ДЕЛУКС ТУРС ДОО Куманово, ДППУ ДАРО КОМПАНИ ДООЕЛ Куманово, ДППТУ ОЛИ – ТРАВЕЛ ДООЕЛ Куманово, ДТУТУ АЛЕКС ТУРС ДООЕЛ и ДППТУ Н&М – ТРАВЕЛ ДООЕЛ Куманово. Доделени се 15 линии од вкупно 26 линии.
Договор нема за најфреквентините линии во најголемите населби Зелен рид, Карпош, Добошане и Тромеѓа , а превозниците обвинија дека се фаворизира една фирма која не ги исполнува условите и затоа целата постапка е заглавена.
Превозниците за утре напладне најавија мирен протест пред Општина Куманово.