Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Кумановските првачиња оваа година нема да добијат парична помош од Општина Куманово. Минатата година за првпат за семејствата кои кои имаат деца во прво одделение беа обезбедени по 2.000 денари, но оваа година советниците ги заборавија.
„Немаше таква предлог-одлука од ниту една советничка група, па и не е ставена на дневен ред и не е гласано за помош на првачињата. Минатата година доделивме по 2 илјади денари, но во овој ребаланс на буџетот не се предвидени средства за таа намена. Спроведувањето на одлуката од минатата година одеше малку комплицирано, но тоа го спроведуваа надлежните општински служби и не сум запознаена со деталите“, изјави претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.
Во основните училишта во Куманово во прво одделение тргнаа 970 ученици.
Лани, пак, на секое од запишаните ,ز1079 првачиња им следуваше помош, а услов беше ученикот да е запишан во било кое општинско основно училиште. Можеа да се пријават преку општинските служби или во училиштата, а исплатата се одвиваше етапно, како пристигаа барањата. Неофицијално, имало незадоволство кај дел од општинската админстрација која била „затрупана“ со барања и спроведување и извршување на ова одлука.
Советничката група на СДСМ е она што го достави предлогот до Советот, кој за волја на вистина едногласно беше поддржан од сите присутни советници на седницата. Ова година нема таква иницијатива од опозицијата.
„Размислувавме на ова тема и план е да го доставиме овој предлог на наредната седница. Можеби задоцнивме, но мислам дека може да се спроведе постапката до крајот на полугодието, сигурно ќе има уште еден ребаланс на буџетот. Не е оправдување, но имаше пауза пред изборите, потоа се одвиваше претседателскиот и парламентарниот изборен процес, во текот на летните месеци повторно имаше пауза. Последните седници сме затрупани со материјали, извештаи, програми“, објаснува Александар Јовановски, координатор на советничката група.
За разлика од Куманово, помош за првооделенците и остантите ученици обезбедија поголем број на општини во државата. Крива Паланка доделува по 3 илјади денари за секое прваче, по 2 илјади денари за целата учебна година на секој средношколец од прва година запишан во гимназијата и како новитет, униформи за сите ученици од општинските основни и средни училишта.
Таква мерка активна е и во Кавадарци, каде освен помош за семејствата на првачињата, се наградуваат и сите успешни ученици со дипломи од меѓународни и национални натпревари, по било кој предмет, но и нивните наставници и ментори. И ова општина обезбедува униформи за сите деца во образовниот процес.
„Спроведувањето на овие мерки не е комплициран процес, добиваме спискови од училиштата и постапуваме по нив. Родителите треба само да обезбедат број на трансакциска сметка за исплатата и број од лична карта. Досега не сме имале непријатни ситуации, секоја учител или класен раководител добро си ја познава паралелката, секојдневно комуницира со возрасните кои се грижат за децата и лесно доаѓа до договор и обезбедување на потребните податоци. Потоа ние само ги исплаќаме средствата на граѓаните кои пројавиле интерес“, објасни Боро Ѓорѓиев, советник за основно образование во Општина Квадарци.
Со училишни ранци и школски прибор се снабдени првачињата во општините Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден, а Гази Баба издвојува 14 милиони денари за униформи за 6.800 ученици во општината.
Кумановските првачиња возбудени и малку поспани тргнаа на училиште. Добија пригодна културно- уметничка програма и поздравни говори од градоначалникот на свеченоста во „Кочо Рацин“.