Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советниците не ги изгласаа извештаите за финасиско работење на ЈП “Водовод“ за период од јануари до септември годинава.
Локалната опозиција немаше разбирање за долговите на ЈП “Водовод“ кои изнесуваат 11 милиони денари. Координаторот на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Мирослав Стојановски обвини дека претпријатието спонзорира спортски клубови, а советничката од ГРОМ Душица Сеизовска Јовановиќ смета дека стариот директор треба да одговори како настанале долговите.
Оваа година има загуба од 11 милиони денари и некој мора да одговара. Не може да не одговара само затоа што се сменил директорот. Па тој не е далеку, тука е во општината - изјави советничката Јовановиќ.
Директорот на ЈП “Водовод“, Горан Стојковски тврди дека големите долгови настанале поради високата цена на сировата вода, финансиската блокада на претпријатието и големиот број кражби на вода. Според него не е проблем што извештаите не добија поддршка од Советот на Општина Куманово, туку проблем е тоа што работниците нема да добијат плата пред празниците.
Најголем проблем е дали ќе успеат вработените да земат плата, да можат тие и нивните семејства да добијат лекување, да можат закажаните операции да се реализираат, да се намират основните потреби пред Нова година. Мене приоритет во овој период ми е да завршиме со одреден прилив на средства за да можеме да исплатиме плата. Ова е политичка одлука. Знаеме дека работиме под блокада и сите средства кои доаѓаат на сметка на ЈП “Водовод“ се префрлаат на сметка на Водостопанство - објасни Стојковски.
Колку за споредба тој вели дека во Скопје сировата вода не се плаќа, во Куманово кубик чини 7 денари, а во другите градови цените се значително пониски.