Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Двата плоштади во Куманово, централниот и пред Центарот за култура ќе се спојат со пешачка патека и ќе претставуваат една целина која дополнително ќе го оплемени централното подрачје.
Проектот e конципиран во три фази, а ќе започне оваа година со реконструкција на малиот плоштад, за што се обезбедени средства од општинскиот буџет.
„Со годинешнава реконструкција ќе се срушат тротоарите меѓу плоштадите и ќе се направи едно цело, големо плато. Плановите се доставени на избраниот изведувач и се надеваме дека ќе се направи решение кое ќе ги задоволи нашите барања и ќе ги исполни очекувањата“, изјави Емилија Сларидис Јаневска, раководителка на Секторот за урбанизам.
Втората фаза ќе се одвива во делот на т.н. Скопски дуќани и спојување со ул. Ленинова, и последната трета се однесува на ул. Илинденска.
„На крајот на овој проект целиот потег ќе биде пешачка зона од почетокот на ул. Илинденска, преку големото плато на двата споени плоштади до Скопските дуќани и улицата Ленинова“, додава Сларидис.
На спроведента анкета за одржлива урбана мобилност 71% од анкетираните грaѓани на Куманово ја поддржаа идејата за пешачка зона, а голем дел се изјасниле за целосно затворање на централното градско подрачје.
„Секаде најубавите и „најскапите“ дуќани се во пешачките зони и по пропишани правила на игра тие ќе имаат непречен проток и дотур на стока во одреден временски интервал“, објаснува Сларидис Јаневска.
Таа додава дека е неопходно да се сменат навиките на граѓаните, помалку да користат автомобили и повеќе да пешачат, да ги користат бенефитите на природата што значи подобро здравје, поголема кондиција и зачувување на животната средина - почист воздух.
Роковите за завршување на овој проект ќе зависат од повеќе фактори, но надлежните се надеваат дека тоа нема да трае долго.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk