Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Здружението за планинарење и заштита на природата „Козјак 2013“ од Куманово го одбележа 11 Октомври, со искачување на врвот Китка, на надморска висина од 1.211 метри на планината Козјак .
На планинарската тура учествувале 250 планинари од речиси сите градови од Македонија, гости од Србија и Бугарија.
Самата тура е во должина од околу 16 километри во двата правца, по патека која била пробиена и маркирана од членовите на здружението.
„На трасата на која се движевме имавме попатна посета на споменикот на НОБ, како и пошумување на падина, како симболичен удел во обновувањето на природата. Голема благодарност и до една металопреработувачка компанија кој изгради метален мост преку Бистрица, па искачувањето мина во еден здив, со меѓусебно дружење и забава“, истакна Марјан Милановски, претседател на здружението.
За помладите планинари попатно им се откривале тајните на спортот, начините како да заврзат јазол на јаже и други техники неопходни за преживување во природа.
Тргнувањето било од месноста Борови, во близина на запалениот планинарски дом во селото Малотино, а се движеле по патека која била пробиена и маркирана од членовите на здружението. Целокупниот дневен настан бил замислен како дружење и активност на отворено.
Веќе за следниот викенд ЗПЗП „Козјак 2013“ Куманово ќе учествува на нова тура до Титов врв на Шар Планина, женска планинарска акција насловена како „Планинарска тура со панделка“. Турата на 19 октомври има за цел да ја подигне свесноста за ракот на дојката и за превенција на истиот, како и да даде поддршка на жените и девојките кои се соочуваат со оваа болест.
ЗПЗП „Козјак 2013“ Куманово во соработка со клубот H2O како и сите останати клубови низ цела Македонија ќе учествува во оваа благородна кампања.