×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По 15.000 денари добија кумановските занаетчии кои ја чуваат традицијата на старите занаети

    31.05.2023 16:58 | Оливера Пешевска

    Десетмина занаетчии денеска добија помош од 15 илјади денари од Општина Куманово, затоа што ја чуваат традицијата на старите занаети. 

    По 15.000 денари добија кумановските занаетчии кои ја чуваат традицијата на старите занаети

    На денешниот Саем на мало стопанство во Центарот за култура во Куманово, кој го организираше Регионалната занаетчиска комора и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија, беа преставени повеќе занаети, но и самостојните производители на ракотворби.

     Претседателот на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији, вели дека ова е пример како се поддржува традицијата во еден град.

     „Нашиот град го поттикна давањето субвенции кои веќе имаат домино ефект и во целата држава. Во иднина ќе преземеме посериозни чекори за создавање и креирање на поголеми и помасовни манифестации, со цел да ги промовираме нашите занаетчиски фирми, вршители на занетчиски дејности и сите кои се дел од локалната економија во Куманово“, изјави Фазлији.

    Во Занаетчиската комора досега се регистрирани само 10 занаетчии, но надлежните упатиа повик да им се приклучат и неформалните стопанства. Така ќе добијат помош и ќе станат повидливи.

    На Саемот на мало стопанство присуствуваше и градоначалникот Максим Димитриевски.

    „Главна цел на ова мерка  е да ги стимулираме занаетчиите, но дополнително и останатите градови да го следат нашиот тренд. Веќе ова година издвоивме по 15 илјади денари по поединец. Занаетчиството значи традиција и ние сме должни да ја негуваме“, истакна Димитриевски.

    Тој смета дека  од следната година треба да се размислува за финансиска подршка на занаетчиските стартапови кои се иницијатива на младите луѓе, а кои доаѓаат од средните училишта, како од Техничкото и Економското училиште.

    За занаетчиите секоја поддршка е добредојдена, но за да се сочуваат занаети, сметаат дека треба да се вложува многу повеќе.

    „Јас се занимавам со оваа работа 38 години. Нашите занаети се во изумирање, јас сум единствениот бакарорезец во Куманово. Младите не сакаат макотрпна работа, тие секогаш го бираат полесниот начин. За да се направи едно дело се работи и по два и пол месеци“, вели Мирослав Поповски-Вински.

    Неговиот колега Ќазим Скендер, веќе 22 години се занимава со изработка на производи од кожа, пред се кожувчарство и опинчарство, кои ги продава во текот на туристичката сезона во Охрид, Струга и Дубровник, и со тоа ја промовира нашата култура.

    „Во Хрватска ме викаат секоја година и се ми е обезбедено. Производите ги правам на лице место и не ги продавам,  туку, само да видат туристите како се изработува. Тие не жалат да платат за да го видат процесот, кај нас тоа не се цени. Се повеќе пропаѓа нашата работа, а младите не се заинтересирани. Јас за себе велам,  уште сум најмалдиот чирак на 68-години“,  се шегува нашиот соговорник, кој е регистриран како самостоен занаетчија за кожна галантерија.

     

    Во Македонија нема саеми од ваков тип, но Занаетчиската комора и Општина Куманово размислуваат наредната година да се одржи во поголем простор, со многу повеќе излагачи од целиот Балкан.