×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По двегодишна пауза повторно се одржува „Малински фото фестивал“

    03.06.2022 14:29 | Сузана Николиќ

    Фестивалот на уметничка фотографија „Малински фото фестивал“ ќе се одржи по седми пат Куманово и Крива Паланка, во организација на Фото клуб Куманово. По две години пауза љубителите на фотографската уметност ќе уживаат во богатата тродневна програма.

    По двегодишна пауза повторно се одржува „Малински фото фестивал“

    Отворањето на фестивалот е закажано за вечерва во 19.30 часот, во просториите на Занаетчиски дом – Куманово, каде ќе се прикажат осум врвни проекции на фотографи од Србија, Турција и Македонија.

    Утре (сабота) во 14 часот, во фоајето на НУЦК „Трајко Прокопиев“ ќе бидат презентирани фотографии од веќе добро познатата меѓуклупска изложба „Круг“. 

    „Овојпат поради претходните две „онлајн“ години, љубителите на уметничката фотографија ќе имаат можност да проследат и принтови од изложбите „Круг 2020“ и „Круг 2021“. На оваа изложба ќе бидат изложени околу пеесетина фотографии и ќе се доделат трофеи за прво, второ, трето место за најдобрите три, како и 3 дипломи за конкуренти за награда“, велат организаторите. 

    Во 14.30 часот ќе биде отворена изложбата од натпреварувачки карактер помеѓу двете најголеми кумановски основни училишта „Кочо Рацин“ и „Крсте Мисирков“. 

    Во 15.30 часот во Уметничката галерија во Куманово е самостојната изложба на познатиот крагујевски фотограф, член и претседател на Фото клуб Крагујевац, Александар Буѓевац. Тој ќе се претстави со свои триесет и пет дела. 

    Во 16 часот во Уметничка галерија Куманово е самостојната изложба на добро познатиот и светски признат фотограф Владимир Јовановски. Со околу четириесет свои дела тој ќе ни го претстави својот дваесет и пет годишен опус. 

    Во „Занаетчискиот дом“ во 17 часот со околу триесетина дела ќе бидат претставени светогледите на Зоран Здравев, македонски фотограф.

    Во 19 часот фестивалот продолжува во просториите на Фото клуб Куманово, каде традиционално ќе бидат прикажани дела од член на клубот, фотографот Сандра Трајковска.

    Во 21 часот во близина на клубот ќе има и ноќно сафари, на кое баскер изведувачи (групата Fuzz Bubble) ќе ги забавуваат присутните со својот жонглерски перформанс.

    Последниот, трет ден во недела, фестивалот продолжува во околината на Крива Паланка со фото сафари и две изложби. 

    „Едната ќе биде во 12:00 часот во ЛУ Музеј на град Крива Паланка, а другата во Ценатар за култура на Крива Паланка во 13:00 часот, интернационалната изложба „Игра“ (Play). Тука јавноста ќе се запознае со околу шеесетина уметнички фотографии, од автори од целиот свет, кои во изминатата година се издвоиле како најдобри во своето поле на
    фотографирање. Ќе бидат застапени фотографии во 9 теми (слободна колор и монохром, фотожурнализам, жена, патување, природа, живот, улица и минимализам“, велат од Клубот. 

    Фестивалот свечено ќе биде затворен во манстирот Јоаким Осоговски, чија локација е и дел од предвиденото сафари.

    Проектот е финансиски подржан од Општина Куманово и од Министерството за култура.