×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • По шест месеци откако беше откриен случај на африканска чума ќе се уништуваат свињите во Љубодраг, жителите на протест

    17.03.2023 12:22 | KumanovoNews

    Жителите на кумановското Љубодраг,  денеска два часа со механизација го блокираа стариот пат Куманово-Скопје,  за да ги спречат инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и екипи на Ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ да влезат во селото и да ги уништат здравите свињи, затоа што пред шест месеци во едно одгледувалиште во селото бил регистриран случај на болеста африканска чума. 

    По шест месеци откако беше откриен случај на африканска чума ќе се уништуваат свињите во Љубодраг, жителите на протест

     Сточарите тврдат дека во тоа време биле уништени свињите во заболената фарма, а на останатите им биле земени примероци на крв кои покажале дека добитокот е здрав. И покрај тоа што агенцијата имала обврска во рок до 40 дена да им даде напатствија дали да продолжат со одгледувањето на добитокот или не, никој не им се јавил, а сега по толку време решиле да дојдат.  

    „Поминаа шест месеци во кои нема регистриран нов случај на заболени свињи, нема ни лечени ни угинати свињи. Затоа нема да дозволиме на инспекторите на АХБ да влезат во селото и да ги уништат свињите. Пред три дена ни најавија дека денеска ќе ни донесат нови решенија со кои не известуваат дека ќе ги уништата свињите. Луѓето се во небрано, не знаат што да прават од тоа живеаат“ , изјави Бобан Лазиќ, претседател на месната заедница Љубодраг.  

    Сопственикот на фармата каде што бил откриен единствениот случај на африканска чума во селото Звонко Цветковски, вели дека на 8 октомври минатата година му биле уништени 8 свињи и 60 прасиња.  Оштетата во висина од 60 отсто од вистинската вредност  ја добил пред 5 дена, по 5 месеци.

    „Излегов на протест затоа што давам поддршка на моите соседи, затоа што по првиот случај кај мене, во селото нема ниту еден нов случај. Јас сега немам право да одгледувам свињи, пропаѓа храната, а ние од тоа живееме со семејството. Жално е да живееш во село, а да немаш свињи и месо од сопствено производство“, вели Цветковски.  

     Сточарите го повикуваат директорот за Храна и ветеринарство да го смени правилникот за искоренување на афричката чума, кој треба да се ревидира на секои 5 години, и да предвиди да се  уништуваат свињи само во одгледувалиштата,  а во заштитната зона од 3 киломери да има забрана за движење на свињи во рок од 40 дена. 

    „Ако во тој период нема новозаболени случаи да се тргне мерката. Вака се прават  злоупотреби  и се уништуваат и здрави свињи, поради што ќе бараме преиспитување на законот пред Уставен суд“, додава Лазиќ. 

    Сточарите најавуваат дека протестот ќе трае додека не се повлечат решенијата за уништување на свињите.

    Жителите на Љубодраг, Умин Дол, Ново Село и Тромеѓа протестираа и во октомври, поради истата причина, по што уништувањето на добитокот беше спречено или само се одложи.