Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полицијата да врши почести сообраќајни контроли на улиците “Трета МУБ“ и “Октомвриска револуција“, побраа советниците на денешната седница на Советот на Општина Куманово.
Тие сметаат дека полициските службеници покрај тоа што го регулираат сообраќајот, треба да преземат поригорозни мерки кон несовесните возачи и прекршители на сообраќајните правила и прописи. Претседателот на Советот, Максим Димитриевски реагираше на изјавата на командирот на Полициска станица од општа надлежност, Антон Витковски дека локалната самоуправа треба да го регулира сообраќајот.
Како претставник на граѓаните не прифаќам одговор дека сообраќајот е во надлежност на општината. Тоа законодавецот го има регулирано. Во континуитет се префрла топката од еден на друг. Сега да излеземе од овдека 33 советника кај Зелен пазар ќе видите дека стои ваш службеник во униформа, од другата страна на коловозот стојат паркирани возила, а тој нема да изрече казна. Ајде да се замениме, ние да казнуваме, а вие бидете советници - изјави Димитриевски.
Командирот Витковски се согласи дека незадоволството на советниците за сообраќајот на споменатите улици е оправдано, но објасни дека на “Октомвриска револуција“ постојано со радари се мери брзина и се изрекуваат казни за несовесните возачи.
Во право сте со вашите сугестии за “Трета МУБ“ и “11 Октомври“. Ако има полиција се почитува законот, а ако се тргне се продолжува по старо. Ќе ги зголемиме активностите за преземање мерки против сообраќајни прекршоци како што веќе работиме. На секое барање сме излегле во пресрет за асистенција - вели Витковски.
Советникот од Коалицијата За подобра Македонија, Саша Николиќ рече дека извештајот за работата на полициската станица за третото тромесечје од годинава е позитивен бидејќи криминалот е за 20 отсто намален, а реализираноста е 60 отсто.
Едногласно советниците го изгасаа извештајот за работа на Полициската станица од општа надлежност за третото тромесечје од 2013 година.