Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Полошко-кумановскиот владика Кирил ноќеска починал на 79 годишна возраст.
Митрополитот Кирил е роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, преспанско. Средно богословско училиште завршил во Призрен.
Во 1964 година Кирил се замонашил во манастирот Свети Причеста во Кичево. Работел како службеник во архиепископијата и во 1965 година со благослов на тогашниот српски владика се запишал на студии на Московската духовна академија на Руската православна црква. Во Московската духовна aкадемија во Загорск до 1967 година завршил прв степен на студиите.
Со недовршен факултет две години потоа бил повикан во Македонија. На 5 јули 1967 година на редовната седница на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, одржана во Архиепископската резиденција во Криви Дол бил избран за викарен епископ на МПЦ со титула Тивериополски. Наречението било извршено на 11 јули 1967 година во соборниот храм "Свети Димитриј" во Скопје а наредниот ден Петровден била извршена хиротонија во епископски чин.
Во 1969 година заминал за Канада, со седиште во Торонто со цел да ја организира прекуокеанската епархија. Со Австралиската епархија, која во 1974 година била одвоена од Американско-канадската активно раководел до 1982 година, а со Американско-канадската до 1987 година. Во периодот на раководењето со овие епархии, од 1971 до 1978 година администрирал и со Полошко-кумановската епархија. Во 1987 година бил назначен за Полошко-кумановски митрополит.
Коавтор е на монографијата "Почит кон Свети Кирил Солунски-Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим", Скопје, 1979 година. По упокојувањето на Архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на новиот поглавар Архиепископот Ангелариј ја извршувал должноста местобљустител на архиепископскиот трон.
Прогласен е за почесен граѓанин во повеќе од 15 града во САД и во Канада и во неколку града во Австралија. Добитник е на повеќе признанија, плакети, како и на Орден заслуги за народ.