Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Од завчера почна пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип преку веб-страницата vakcinacija.mk, соопшти Министерството за здравство. Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип.
„На тој начин, директно се регистрирате за вакцинација во системот ‘Мој термин’. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс ќе добиете повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинирате“, вели Министерството.
Со бесплатна вакцинација се опфатени следните ризични групи: повозрасни лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција, која спречува појава на потешки форми на грип, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи“, вели Министерството за здравство.