×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Почнати постапки за одземање лиценци за работа на кумановски фирми, поради бројот на вработени

    26.03.2025 11:45 | Оливера Пешевска

    Министерството за транспорт и врски јавно ги објави списоците на приватни фирми за кои води постапка за одземање на лиценците за работа, а на листата се најдоа повеќе кумановски компании, кои поседуваат вкупно 19 лиценци.

    Почнати постапки за одземање лиценци за работа на кумановски фирми, поради бројот на вработени

    Причините се главно од административна природа, а се однесуваат на бројот на вработени во фирмите.

    Во тек е постапка за одземање на лиценци за изработка на урбанистички планови за „Вектор ТТ3, „Урбан Гис“ и „Планерис“, за изведувачи од прва категорија „Евгенија план“ и „Адроит“. Лиценци за Б изведувач- градби од втора категорија се одземаат на „ЛБ Инвест“, „Профи Инженеринг“, „УЕБ Арчитектс“, „Мастер“, „Марник“, „Лине и Спасе“ и „Ривера Назми“, сите од Куманово. Се водат постапки и за одземање на лиценца за Б ревизија на „Про инвест“, како и за фирмите „Мастер план“, „Студио Кубика“ и „Лине и Спасе“ за проектирање на објекти од Б категорија. Лиценцата за надзор на „ЕН- Пројект“ Куманово е под закана за одземање од ресорното министерство.

    Начинот на постапување предизвика револт кај овластени планери, изведувачи, надзор или ревизија, а веќе се во подготовка дописи до министерството да се ревидира одлуката.

    „Со терминот „одземање“ веднаш окарактеризираа дека има направено криминал, што апсолутно не е точно. За прекин на важноста причина е моменталниот број на вработени. Јас имам 6 вработени, но не сите се на полно работно време. Мојата лиценца е важечка до април, следната година, издадена е во 2019 година“, истакна Валентина Спасовска, управител на проектантско биро „Урбан Гис“ од Куманово.  

    Законот за урбанистичко планирање од 2020 година предвидува секое биро да има 3 овластени проектанти со полно работно време, а условот во стариот закон бил да има само еден. Но, актуелниот закон во член 103, став 2 прецизира „правните лица кои се стекнале со лиценца за изработување на урбанистички планови до денот на отпочнување на примена на овој закон, можат да ги вршат работите за изработување, донесување и спроведување на урбанистички планови до истекот на важноста на лиценцата, а 60 дена пред истекот на рокот на важноста на лиценцата, правните лица треба да достават барање за издавање на нова лиценца“.

    Познавачите на темата истакнуваат дека објавата на министерството изгледа како „листа за отстрел“, без валидни аргументи се донесуваат одлуки кои создаваат погрешна слика во јавноста.

    Toa го потврдува и обраќањето на Александар Николоски, министер за транспорт и врски до медиумите: „За да не настане забуна, контролите се прават на лиценците во делот на потребниот број на вработени, а во дел на квалитет на изведување и во дел на квалитет на навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите”, истакнува вицепремиерот Николоски.

    Тој исто така најави дека дека ќе пристапат кон законски измени со кои контролите ќе бидат обврзни на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа. Се предвидува за следните контроли жалбата нема да го одлага извршувањето односно суспензијата ќе оди веднаш. Николоски тврди дека целта не е да казнуваат туку компаниите кои доброволно се согласиле на условите што ги предвидува законот, доброволно да ги исполнуваат.