Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„МВР да ги зголемат контролите околу училиштата и на улиците каде се движат учениците пред и по часовите, акцент да се стави на мултиетнички делови од градот, и да има видливост на позорникарите во центарот на градот, на шеталиштата, плоштадите, парковите и спортски комплекси на отворено.
Апелираме до надлежните институции за побрза и поефикасна разрешница на сите пријавени случаи за да не се користат за разгорување на нетрпеливост меѓу граѓаните на Куманово“, кажа претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, по одржувањето на седницата на Локалниот совет за превенција, на кој учествуваа и координатори на советничките групи, претставници на верските заедници и директори на основни и средни училишта од општината.
Исто така на состанокот биле донесени и заклучоци кои се однесуваат за училиштата и мерки кои треба да ги преземат.
„Посебно да се стави акцент на ученици, посебно средношколци кои се подложни на провокации за да ги заштитиме од немили појави кои го нарушуваат соживотот во Куманово. Сите директори на училишта да ги задолжат класните раководители да одржат вонредни класни часови за да ги повикаат децата на смиреност и да не потпаѓаат на провокации. Да се повика Совет на родители и да им се укаже да внимаваат на своите деца, да не се вклучуваат во социјални групи и мрежи каде се шири говор на омраза и поттикнување на нетрпеливост. Да им се објасни дека соживотот и толеранцијата се нешто што треба да се негува, а не да се руши. Да се побара сите класни раководители да се пријават сите недолични однесувања на учениците до стручните служби, и да се води прецизна евиденција за присуство на учениците на наставата. Припадниците на Секторот за превенција да организираат панел дискусии со учениците од сите средни училишта во најкус можен рок“, кажа Ѓорѓиевска.
Донесените заклучоци и препораки се упатени до надлежните институции и установи за смирување на тензиите и превенирање на понатамошни несакани случки.
Денеска итно беше свикана седница на Локалниот совет за превенција по пријавениот случај на повреден средношколец, откако тој и неговите другари биле нападнати на автобуска постојка. Во изминатите недела дена беа забележани повеќе инциденти во кои на некој начин беа вклучени малолетници, или лица на средношколска возраст.