×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Појасите во кумановско - симбол на богата традиција и творештво

    02.10.2013 08:51 | KumanovoNews

    Појасите како дел од народната носија се опејани во многу кумановски песни, се среќаваат во литературата и кажуваат многу за културата на живеење на нашиот народ.

    Појасите во кумановско - симбол на богата традиција и творештво

    Појасите со кои располага Народен Музеј Куманово датираат од почетокот на 20 век, потекнуваат од которски, шопско - пољански и влашки етнички предел. Преку нив се добива слика за ткајачката традиција, творештвото, патријархалниот начин на живеење и желбата за создавање на сопствена култура.

    Во тој период изработката на ткаениците имала големо значење и облеката ја изработувала домаќинката. Од умешноста и снаодливоста во работењето зависело колку жената ќе биде почитувана во семејството и каков статус ќе има.

    Појасот (кемер, подвеска, препашаљка, ѕуница) претставува долга и тесна правоаголна ткаеница, која служи за мотање околу половината, кај машката и кај женската народна носија. Женските појаси се потесни околу 20 цм, за разлика од машките до 40 цм, кои се доста пошироки, а должината им изнесува од 3 до 4 цм. Целата должина на појасот не се употребува за мотање околу половината, туку од едната страна, во должина од околу 50 цм појасот се надиплува за да може најпосле да се замота и убаво да се стегне - вели Валентина Илиевска, кустос етнолог во Музеј Куманово.

    Кај машката народна носија широкиот појас ја покрива кошулата од под градите до колковите, а кај жените се витка појасот врз скутнината истакнувајќи ја естетската и магиско - заштитна функција. Машките појаси се декорирани со едноставна права шарка, бидејќи се верувало дека на мажот не му личи да носи големи и воочливи шари. Женските појаси имаат различни орнаменти: веѓи, трепки, лозница, срце, фурки и други.

     Кај Власите женскиот појас (коланот) е во правоаголна форма, и се изработува рачно од картон, обвиткан во кадифе или платно, врз кое се нашиени разнобојни монистра вклопени во геометриски и флорални елементи, и се закопчува околу половината. Често пати на појасот го извезуваат своето име. Кај мажите појасот е поширок, клашнен, еднобоен, најчесто со темноцрвена боја, без декорација - објаснува Илиевска.

    Боите имале посебно значење, црвената била симбол на духот заштитник, жолтата на светост, зелената на поколението,  белата на плодноста, искреноста и чистотата.

     За време на бременоста жената прави се, на секој начин со појасот да ги потскрие видните знаци на бременоста. Бремената жена врз носијата носи и по два појаса и така подпашана и убаво подврзана како што верува народот, полесно и поздраво ќе го носи плодот, ќе може да работи домашни и полски работи, и полесно ќе се породи - додава Илиевска.

    На најголемиот верски празник Велигден со опашувањето на појас машкото добивало статус на ерген, а девојката статус на девојка за мажење. Машките не носеле појас додека не се докажат како мажи. Откако ги опашувале појасите ги носеле до длабока старост од практични причини, го држеле телото исправено и стегнато.