Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Црвената пиперка- ајварка се продава за 40 до 50 денари килограм на Зелениот пазар во Куманово, а најголем дел од продавачите не продаваат на мало, туку пресметките ги прават за кутија со тежина од 15 до 18 килограми.
Судејќи по цените есенва на трпезата ретко ќе се наоѓа зимница, а традиционалниот пинџур, ајвар, лутеница, малиџано ќе бидат вистински деликатес.
И продавачите потврдуваат дека секоја година има се помалку заинтересирани купувачи.
„Многу послабо од лани, иако цената е иста како минатата есен, а да не зборувам за годините пред кризата. Народот се исели, оние што останаа или не можат да си дозволат да купат поголема количина, или ќе си ги уништат ноктите од лупењето пипер. Продавам само на големо, кутија, не излегува пресметката да го продадам по кило, две“, вели Ѓ. С. долгогодишен продавач на зеленчук и овошје на пазарот.
Модриот патлиџан се продава по 200 денари за вреќа со просечна тежина од 6 до 7 кила, додека на мало цената е 50 денари за килограм. Везениот пипер се продава по цена за 100 денари, без разлика дали е благ или лут, а низата е 1.000 денари.
Опсегот на цената за црвениот домат е од 80 до 120 денари, компирот од 40 до 50 денари, додека лутите пиперки се 100 денари, а благите 120 денари. Тиквицата се продава по 20 денари парче, а во маркетите е 50 до 60 денари за килограм.
Полека на тезгите „излегува“ и зајрето потребно за жива туршија, карфиолот традиционално е најскап, моментално чини 250 денари за килограм. Но неговата сезона допрва доаѓа, за десетина дена се очекува да има поголеми количини на тезгите, па и цената да биде пониска.
Корнишоните држат цена од 60 денари за килограм, без разлика на количината која ја пазарите. И тука е честа појавата да се продава само десеткилска вреќа. Зелениот домат е 70 денари, а многумина цената ја кажуваат за цела гајбичка, а е на мало. Морковот има цена од 40 до 50 денари за килограм, домашниот лук 250, кромидот 40 денари.
„Како да пазарам во Финска во февруари, поевтино е во Грција отколку тука. Претераа со маржите, не правам и не ставам ништо од зимница. Сама сум, со една пензија, не можам да издвојам големи средства за пипер и патлиџан, а каде е зејтинот и другите потрепштини. Сакав да купам барем зелка, и неа ја направиле 60 денари“, коментира Струмка Д., пензионерка од Куманово.
Нејзиното мислење го делат и другите минувачи, но за разлика од неа го изразуваат со мрморење и одминување. И покрај високите цени сепак се наоѓаат и такви кои купуваат. Брзаат, ги ставаат кутиите во автомобилите, само одмавнуваат, не сакајќи да ги коментираат цените.
Поради инфлацијата незадоволни од цените се и производителите и препородавачите.
Министерот за економија и труд најави дека денеска ќе ја промовираат мерката есенска потошувачка кошничка, која најрано може да биде усвоена следната недела. Во неа ќе се најдат близу 100 производи- овошје, зeленчук, ориз, грав, месо за помош на стандардот на граѓаните. Се уште не е утврдено дали ќе се оди на принципот на загарантирана цена, или ќе се ограничува маржата на оние кои продаваат.